Американски актер и романсиер Џин Хекман, широко беше оценет како еден од најголемите актери на својата генерација.

Џин Хекман 1930 – 2025. Фото: Christopher Michael Little, via Wikimedia Commons

Џин Хекман се здоби со светска слава за улогата на Бак Бароу во „Бони и Клајд“ (1967), што му ја донесе првата номинација за Оскар. Во текот на следните пет децении, тој стана познат по својата разноврсност, играјќи широк спектар на ликови во филмовите како „Француска врска“ (1971), за која освои Оскар за најдобар актер и „Непростено“ (1992), што му донесе втор Оскар за најдобра споредна машка улога.

Кариерата на Хекман е обележана со незаборавни изведби и во драматични и во комични улоги, вклучувајќи ги „Разговор“ (1974), „Супермен“ (1978) како Лекс Лутор, „Хузиерс“ (1986) и „Кралските Тененбауми“ (2001). Тој се повлече од актерството во 2004 година за да се фокусира на пишување романи.

Џин Хекман почина вчера на 95-годишна возраст.

Во изјава за тамошните медиуми, окружниот шериф на Градот Санта Фе, Ејдан Мендоза рече дека Хекман и неговата сопруга – пијанистката Бетси Аракава, биле пронајдени мртви вчера попладне, во нивниот дом во главниот град на американската сојузна држава Ново Мексико.

Може да потврдиме дека и Џин Хекман и неговата сопруга беа пронајдени мртви во средата, соопшти полицискиот оддел на Санта Фе.

Надлежните потврдија и дека постои активна истрага за двата смртни случаи. Причината за смртта сѐ уште не е позната.

Г.М.