Познатиот актер Лазар Ристовски ќе го одбележи отворањето на првиот Интернационален фестивал на ангажиран филм „Охрид Филм Фест“, што вечерва започнува во Охрид. Фестивалот во Центарот за култура со почеток во 20 часот, ќе го отвори хрватско-српската копродукција „Од другата страна“ на Зринко Огреста, филм кој својата светска премиера ја имаше на годинешниот Берлински фестивал, а во Охрид ќе се одржи неговата регионална премиера.

– „Охрид Филм Фест“ е фестивал кој се фокусира на ангажираниот филм и на студентската програма. Фестивалот ќе се обиде да понуди и да донесе нешто ново, да предизвика дискусии, коментари, соочувања, критики реакции. Ќе се обиде преку ангажираните теми и најгорливи и најактуелни теми и проблеми во светот да направи да заживеат разговорите по проекциите на фестивалите, да предизвика интерес, но и низ разговорите со авторите да придонесе кон осознавање и откривање нови простори, изјави дриректорката и селектор на главната програма Сунчица Уневска.

Целта и таргетот на фестивалот се младите односно можноста Охридскиот фестивал да стане место каде што редовно ќе се одржуваат мастеркласи, работилници, средби, каде што младите ќе можат да учат директно од искуството на еминентните автори. Освен Лазар Ристовски и филмот „Од другата страна“ кој зборува за последиците од војната во Босна, но последици на луѓето, „Охрид Филм Фест“ ќе ја донесе и француската актерка Астрид Ветнал, која ја игра главната улога во филмот „Пат за Истанбул“ на Рашид Бушареб. „Пат за Истанбул“ третира уште една извонредно актуелна тема, зошто младите се повеќе одат на џихад. Во програмата се поместени уште неколку многу интересни наслови кои зборуваат за судбините на мигрантите, но и за судбините на жените кои нивните семејства ги продаваат без оглед на се или се убиени од нивните мажи или љубов, како иранскиот „Сонита“ или турскиот „Би сакала да се измие со дождот“. Освен главната програма, фестивалот ги содржи и програмите Видици, Програма на кратки филмови и Програма Охрид на филм.

Селектор на кратката програма е филмскиот критичар Влатко Галевски.

– „Охридскиот филмски фестивал се приклучува кон големата светска фамилија на фестивали кои го презентираат и афирмираат новиот бран на идните филмски ппрофесионалци“, вели Галевски.

Фестивалот ќе има и програма насловена „Охрид на филм“. Програмата Посветено годинава е предвидена за специјалната проекција на култниот македонски филм „Мирно лето“.

OhridNews