Со вечерашниот натпревар на Европското првенство во Будимпешта во кој Норвешка по продолженија го совлада Исланд со 34:33 се комплетираше списокот со потенцијални противници на македонските ракометари во квалификациите за пласман на Светското првенство.

Норвешка со триумфот го освои петтото место на континенталниот собир и го испрати Исланд во мундијалскиот бараж како можен противник на македонската репрезентација.

Покрај Исланд, потенцијални противници на „црвено-жолтите“ за вториот бараж се и репрезентациите на Германија, Хрватска, Русија, Холандија, Црна Гора, Чешка, Србија и Унгарија.

Македонските ракометари за пласман на следниот Мундијал ќе треба да минат две пречки, а прв противник ќе им биде една од деветте најслабо рангирани репрезентации – Швајцарија, Романија, Грција, Израел, Естонија, Финска, Италија, Фарски Острови и Белгија.

OhridNews