„Тишина! Музиката зборува…“ е мотото на годинешното издание на фестивалот „Охрид Фест“ кој ќе се одржува на сцената на Долни Сарај од 23-ти до 26-ти август.
Според најавите, овогодинешното 23-фестивалско издание започнува во понеделник со „Чунга Лунга“ вечерта на која како специјален гостин ќе настапи Трајче Горгиев.
Во вторник на 24-ти август ќе се одржи Фолк вечерта, на која со нови музички нумери ќе се претстават Ирена Спасовска, Петар Нечовски, Благоја Груевски, Групата „Соната“, Милован Секуловски и други естрадни уметници. Како специјален гостин на вечерта ќе настапи Јордан Митев.
Во среда на 25-ти август љубителите на поп музиката ќе може да ја проследат Поп вечерта на која ќе настапат Јоце Панов, Елена Петреска, Маја Вукичевиќ, Давид Темелков, Мартинијан Кириловски, Ѓоко Танески, Верица Пандиловска и други музички имиња.
И овогодинешното издание по традиција ќе заврши со Интернационалната вечер која ќе се одржи на 26-ти август. На неа ќе настапат Бојан Стоименов од Србија, Масле од Словенија, Јанис Мораитис од Грција, Адис Шкаљо од Босна и Херцеговина, Венера Лумани од Албанија, Перо Симовиќ од Црна Гора и други музички ѕвезди. Како специјални гости на вечерта ќе настапат членовите на групата „Нови Фосили“.
OhridNews