Со изведба на делото „Симфонија за филхармонија“ од нашиот композитор Живоин Глишиќ и дефиле на националните ансабли и културно-уметничките друштва, на рударите, земјоделците, волонтерите на Црвен крст, извидниците, здравствените работници, спортистите, пожарникарите, полицијата и армијата, во среда на 8 септември во 17:30 часот пред Парламентот ќе започне прославата по повод 30 години независност.
Официјалниот дел ќе почне во 18:30 часот со интонирање на химната на Северна Македонија од страна на Воениот оркестар, по што ќе следуваат говорите на државниот врв. Обраќање ќе имаат претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев, брифираа денеска од Владата.
После обраќањето на премиерот, односно од 19:30 часот започнува музичкиот дел со изведба на песна специјално аранжирана за оваа прилика и музички дел со познати солисти кои заедно со Националната филхармонија ќе изведат неколку антологиски забавни нумери.
Покрај официјалните гости и медиуми, според протоколот и актуелната состојба со пандемијата, предвидено е присуство на околу 1000 граѓани кои ќе можат да се акредитираат за бесплатен билет и сите ќе требаат да приложат вакцинален сертификат или потврда за прележаност од Ковид-19.