Актуелните теми, корисните препораки и стручните совети од областа на фармацијата, стоматологијата, здравиот живот, убавината и исхраната, кои се дел од  новиот магазин за здравје и современ живот „Наше здравје“ чиј прв број излезе од печат пред околу еден месец, го привлекоа вниманието на голем број охриѓани.

-Според она што можевме да го видиме односно да го прочитаме, се работи за исклучително квалитетно едукативно списание кое може ни помогне подобро да се грижиме за нашето здравје. Тоа е особено важно за повозрасната генерација, бидејќи поголем дел од оваа популација нема пристап до интернет, а читањето на печатени медиуми е единствен начин за информирање, вели Богољуб. М (66) од Охрид.

Освен граѓаните и дел од медицинските лица имаат позитивни впечатоци за списанието.

-Ваквите изданија се еден современ начин за едуцирање и многу е важно што зад содржините на списанието „Наше здравје“ стои професионален тим на доктори, стоматолози и фамацевти, кои внимаваат на квалитетот и веродостојноста на содржините. Тоа треба да биде потврда за читателите дека она што ќе го прочитаат е медицински издржано и дека може да го прифатат како совет. Се надеваме дека списанието и во наредните броеви ќе донесе интересни соджини кои ќе го привлекуваат вниманието и ќе бидат интересни за читање, велат дел од општите лекари од Охрид, со кои поразговаравме на оваа тема.

Во првиот пролетен број на „Наше здравје“ читателите можеа да прочитаат теми за стресот како најголем непријател на човекот, за анемијата и како истата да се препознае и лекува и за тоа како неправилната исхрана може да доведе до опстипација. Исто така, списанието содржи и тема за ризик факторите и заштита од кардиоваскуларни заболувања, како и совети за превенцијата на уринарни инфекции и предупредувања за тоа како лековите може да предизвикаат алергиски реакции. Во рамки на првиот број се објавени и теми поврзани со оралното здравје кај децата, а објавен е и стручен текст за 3Д стоматологијата. Во рамки на богатата содржина се објавени и прилози поврзани со убавината, исхраната и спортот.

Издавач на магазинот „Наше здравје“ кој се дистрибуира бесплатно е „Виа Фарм“ аптеки и истиот ќе излегува квартално, односно четири пати годишно (во пролет, лето, есен и зима).Главниот и одговорен уредник на магазинот е Марица Угриновска Баткоска-магистер по фармација. Извршен уредник на магазинот е Горан Момироски, за графичкиот дизајн се погрижи Антонио Стаматоски, а техничка поддршка пружија „www.ohridnews.com“, „Мега продукција“ и стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“.

Со цел да ги приближи темите поблиску до поширок круг на читатели, тимот на магазинот „Наше здравје“ одлучи секој понеделник да објавува по една тема во рубриката „Здравје“ на OhridNews.

Лековите може да предизвикаат сериозни алергиски реакции

Алергиските заболувања, претставуваат различни состојби кои се предизвикани од пречувствителност на имуниот систем кон одредени супстанции во животната средина. Овој тип на заболување вклучува: треска, атопичен дерматитис, алергиска астма, алергија кон одредена храна и анафилакса. Симптомите вклучуваат: црвенило во очите, осип, чешење, ринореа (течење на носот), отежнато дишење или отекување. Интолеранција на храна и труење со храна претставуваат посебни состојби. Најчестите алергени се на полен и храна, но металите, каснување од инсекти, како и лековите често пати може да предизвикаат сериозни алергиски реакции. Развојот на истите зависи од генетските но и од факторите од околината.

Како да се заштитиме
Доколку страдате од алергија од млеко, единствениот начин да се заштитите е да избегнувате консумирање на млеко и млечни производи. Оваа алергична реакција се манифестира со моментално отежнување на дишењето, повраќање и треска. Белката на јајцето е причинител за појава на алергична реакција која што може да варира од блага до сериозна алергиска реакција. Многумина страдаат од алергија на јаткасти плодови, а некои лица се алергични на риба. Доколку лекар не може да направи точна детекција кој тип на риба ја предизвикува алергијата треба да прекинете да консумирате риба. Лицата пак чувствителни на казеин треба да избегнувате храна која што го содржи, како млеко, млечни производи итн.

Пролетта е годишно време кога најчесто се јавуваат алергии. Како најголем причинител е зголемената количина на полен присутен во воздухот кој резултира со развој на алергиска реакција која се манифестира со кивање, црвенило во очите итн. Има лица кои страдаат и од таканаречена поленска треска – нарушување на имонолошкиот систем, што може да се манифестира и преку целата година. Голем број на луѓе може да бидат алергични на животни, а чести се алергиите на кучиња или мачки. Кај одредени лица под влијание на сонцето доаѓа до појава на кожни реакции. Проблем знаат да направат и одредени лекови. Салицилатите претставуаат хемиски супстанции кои нормално се присутни во голем број на растенија, а истовремено претставуваат главната компонента на аспирин и други аналгетици. Луѓето алергични на салицилати треба да ги избегнуваат сите лекови коишто ја содржат оваа супстанција. Пеницилинската алергија, пак, претставува абнормална реакција на имуниот систем кон пеницилини и истата може да предизвика сериозни несакани ефекти. Луѓето алергични на пеницилин користат алтернативни антибиотици.


Третман на алергија
Третманот на алергиите првенствено се базира на избегнување на алергените кои доведуваат до појава на алергиска реакција.Постојатголембројналековикои се вклучени во третманот на алергиите. За третманот на благи алергиски реакции се користат лекови кои што може да се набават без лекарски рецепт, но сепак при примена на било кој лек неопходно е да се консултирате претходно со Вашиот лекар или фармацевт. Антихистаминиците претставуваат најчесто употребени лекови во третманот на алергиите.

Исто така терапијата на алергии може да вклучува и деконгестанти кои може да се администрираат орално, локално или пак да се инхалираат, потоа различни лековити креми и лосиони, стероидни препарати, но и третмани како имунотерапијата, која што се применува кај мал број на пациенти само во случаи на тешки и перзистирачки алергиски реакции кои што не може да се третираат со претходно споменатите лекови. Целта на овој третман е организмот постепено да се адаптира на поедините алергени при што се очекува да не дојде до појава на алергиска реакција кога пациентот ке биде експониран на тие алергени. При овој пристап не секогаш доаѓа до излекување на алергијата, но секако се намалува нејзиниот интензитет што резултира со намалување на количината на лекови кои вообичаено се користат.

OhridNews