Учесниците по седум дена другарување, спортување, забавување и едуцирање само со позитивни впечатоци го завршија Спортскиот летен камп „Охрид 2016“.


На кампот, прв од ваков вид во градов учествуваа дечиња од Скопје, Битола и Охрид, а специјални гости имаше од српскиот град Крагуевац.


– Што да Ви кажам, после седумдневното дружење со децата од Крагуевац (Р. Србија), Скопје, Битола и Охрид, полн сум со импресии и навистина е сеуште рано да ви одговорам колку сум задоволен од првото издание на Спортскиот летен камп. Ако задоволството е одраз на задоволството од лицата на децата што ги видов тогаш ќе ви кажам дека сум повеќе од задоволен од првото издание на кампот. Секако дека секогаш може подобро но ако видиме дека ова е прва година а знаеме дека таа година за секој почеток е најтешка тогаш ќе кажам дека сме многу задоволни и полни со идеи и желби за наредната година. – рече првиот човек на Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите – сите за Спорт“, Иван Цветкоски која го организираше кампот.


Дечињата учесници на првиот Спротски летен камп во Охрид не го криеаја задоволството од кампот кој се одржа во хотелот Десарет.

– Искуството, мислењето, сугестиите и предлозите на децата за нас како организатори ни се од особено значење и поради тоа ние подготвивме анкетен лист кој им го поделивме на сите учесници и во кој вклучивме неколку прашања, од спортските активности па до храната и чистотата во хотелот. Од одговорите што ги добивме учесниците на кампот се повеќе од задоволни и дури имавме многу креативни предлози до нас што би било интересно и добро да го организираме наредната година. Креативноста на децата , нивните ставови, впечатоци се патоказ за во иднина, патоказ во која насока треба да се развива креативно кампот, сепак кампот е за децата и за да ја постигнеме од година во година нашата цел треба да се почитуваат желбите на децата. Така што , од анкетниот лист од разговорите со нив ние заклучивме дека првиот Спортски летен камп е полн погодок во очите на учесниците и ние ќе направиме се за да ова позитивно мислење од децата го задржиме и во годините кои ни престојат. – додаде Цветкоски.

На кампот дечињата имаа можност да се запознаат буквално со секој спорт што постои. Од планинарање до хокеј на трева и моделарство со правање авиончина.

– Од каде да почнам ? Концептот на кампот е нешто ново за децата, ние не сме камп кој е определен само за еден спорт и кој не го постигнува она за што ние мислиме дека е многу попотребно и покорисно за децата и нивниот развој. Нашиот концепт е едукација, дружење, авантура, музика, креативност, природа се она што го има подзаборавено општеството и што недостасува во секојдневниот живот на нашите деца. Тие за време на седумте дена имаа можност и да цртаат, и да моделираат авиони, да се дружат со планината и нејзините убавини, да спортуваат преку активностите на десетина спортови ( хокеј на трева, кошарка, фудбал, одбојка, пливање, алпинизам, пинг понг, стрелаштво, ракомет ) да се едуцираат преку видео презентации, да се запознаат со нашата историја, да научат животни лекции ( спасување во вода ) , да нуркаат, да навиваат, да почитуваат различности, да се дружат така што за прва година навистина дадовме максимум во однос на активностите и нивната реализации и нас ни е особено мило што сето тоа го препознаа и учесниците децата. – истакна првиот човек на Асоцијацијата.

Целта на кампот е подигање на свеста за спорт во животот, но со поинаков пристап. – Целта е таа што погоре ја напоменав, децата и нивниот живот да имаат еден поинаков развој , развој за кој ние мислиме дека е многу посоодветен за нив во насока на нивната поубава и посреќна иднина.Повеќето во организацијата сме родители и секако имаме искуство во поглед на родителството така што сме свесни дека за седум дена сето тоа не можеме да го постигнеме, но од друга страна сме убедени дека од оваа година ова ќе биде еден почеток кој пред се ќе влијае многу позитивно на нашите охридски деца во насока на нивниот социјално едукативен развој како предуслов за подобар и посреќен живот. Секако љубовта спрема Охрид и неговата афирмацијата како и желбата за промена на имиџот и сликата за Охрид и охриѓаните имаат особено место во нашата цел така што ние сериозно ќе се обидеме тоа да го промениме се со цел да створиме услови за еден подобар и поквалитетен живот на нашите деца.


По успешното завршување на првиот Спортски летен камп „Охрид 2016“, организациониот одбор веднаш почна да крои планови за следниот кој ќе се одржи 2017 година.

– Плановите се големи, веќе од септември планираме неколку посети во неколку градови од соседството, ако оваа прва година ни беше интернационална тогаш главна цел за идната година ќе биде друштвото да се зголеми за што уште сега имаме најави за учество на дечиња од Бугарија и Словенија. Ние секако после искуството од оваа година , сугестиите и размилувањата од учесниците ќе изготвиме програма која ќе биде уште повеќе прифатена и која ќе ја продолжи нашата визија која Ви ја напоменав прстходно. Секако ние ќе треба да работиме и на нашата екипираност, професионализам, ќе треба да направиме и сериозен исчекор кон опремувањето со спортски реквизити за потребите на кампот, така што ќе имаме многу работа но после ваков старт мотивот и нашата желба е уште поголема и верувам дека Спортско летениот камп Охрид 2017 ќе биде уште поинтересен и покреативен за учесниците на кампот. – заврши Цветкоски.

Спортски летен камп со интернационални размери и врвна организација „Охрид 2016“

Спорт, едукација, забава и дружење на првите денови од Спортскиот летен камп „Охрид 2016“ (фотогалерија)

OhridNews