„Се е ова поради 5G“… „Сакаат да не чипираат“… „Светски заговор, ќе не контролираат преку вакцината… „Нема да им успее“… „Вирус не постои“… Ова се само мал дел од теориите кои кружат на социјалните мрежи, за кои на големо се дебатира и расправа до карање, при што се користи вокабулар кој не е за на улица, камо ли да биде пренесен како некакво јавно мислење во медиум, но за жал и тоа го имаме.

Психолошкиот момент станува се поизразен во оваа здравствена криза и прашање на време е кога тој синдром ќе добие и научна верификација и се разбира соодветно име. До тогаш, што би рекле охриѓани, ќе го викаме „општо лудило“, дефиниција која одговара и за многу други состојби и сегменти од оваа здравствена криза кај нас.

„Општо лудило“ владее подолг период и околу тестовите за Ковид 19, а јагма за резултатите. Јавноста кај нас, како и за се друго, е поделена и по ова прашање. Едни одат во крајност и бараат јавно објавување на списоците со заразени од Ковид 19, што не е ниту морално, ниту законски. Други не се за првото, ама би сакале да видат кој е на „листата“ која секојдневно се лиферува од разно разни извори во форма на принт скрин, рачно напишани имиња на ливче, до средени на компјутер. Трети сметаат дека тоа е неетички и недозволиво, затоа што се нарушуваат човекови права и бараат одговорност за таквите пропусти на институциите.

Институциите, пак, ја отфрлаат одговорностаза течењето на информации во јавност, префрлајќи ја на поединци кои имаат пристап до доверливите информации во системот.

И додека јавноста во виртуелниот свет се занимава со „општото лудило“, во реалниот свет лица со позитивни ковид тестови слободно можат да се шетаат низ градот, а некои тоа и го прават. Како? Едноставно. Здравствениот систем во моментов е толку преоптоварен, а бројот на нови случаи голем, поради што доцнат решенијата за изолација до ковид позитивните. Дека е така потврдуваат и болните.

Резултатот дека сум позитивен на коронавирус го добив пред 5 дена, но решение за изолација официјално не сум добил. Уште пред да се тестирам, кога се посомневав дека нешто не е во ред со мене се повлеков во самоизолација, да ги заштитам најблиските, но и другите луѓе иако во моментов можам слободно да се движам, затоа што немам никаква забрана. Но, дали сите ковид позитивно постапуваат така. Одговорот е не. – вели загрижен граѓанин позитивен на коронавирус, чиј идентитет нема да го откриеме.

А дека „позитивни“ се шетаат низ градот, сведочат совесни граѓани и професионалци во својата работа. Новинарот Веле Митаноски, вели дека категорично е против споделување на списоци со Ковид заболени на Фејсбук. За списоци во меѓусебна размeна, има дилема, а најмногу заради несовесните граѓани кои и покрај тоа што знаат дека се ковид позитивни, не ги почитуваат мерките на заштита.

Веќе подолго време се говори дека во Охрид се шират, пренесуваат од еден до друг, списоци на заболени. Неодговорни поединци, ги ширеле и на социјалните мрежи. Обвинителството отворило истрага. Со сета одговорност и ризик да не бидам разбран правилно и добронамерно, мојот став е следниот: Списоци со Ковид заболени на јавно на ФБ – категорично НЕ, списоци во меѓусебна, информативна размeна, надвор од очите на јавноста – и НЕ и ДА. Сум видел некои од тие списоци. На нив сум видел, прочитал имиња и презимиња, на лица кои истиот ден сум ги видел во продавница, една учителка во книжарница…!? Сум видел имиња и презимиња на лекари, кои се исмејувале на тоа што носам маска! И уште подиректнo: од најкомпетентно место, сум се осведочил дека, лица, за кои е утврдено дека се носители, продолжуваат да си одат на работа, како ништо да не било. Мува не ги лазе. Е, па, другарки и другари, дами и господо, каде го гледате нарушувањето на ПОВИСОКИОТ ЈАВЕН ИНТЕРЕС? Во тоа што неовластено се пренесува вашето име, или во тоа што вие НЕОВЛАСТЕНО, неодговорно и крајно СЕБИЧНО се рашетувате по градот? – напиша новинарот Веле Митаноски на Фејсбук.

Веројатно најдобриот одговор на „општото лудило“, односно на сите овие дилеми, трилеми и разни теории на заговор кои на менталното здравје на луѓето делуваат крајно негативно, е сериозен одговор на системот, особено на институциите и службите одговорни да спречат и да лечат. Едни, впечаток е како да не сакаат, други, пак, дека не можат, не барем сами. Потребна им е поддршка од сите нас, но пред се поголема одговорност. Секој има право на свое мислење и на свое видување, но сега е време и таа малку добра енергија која остана да ја насочиме во вистинскиот правец, не во, туку против „Општото лудило“.

Г. Момироски