Постојат луѓе кои со своите дела ги поттикнуваат другите да бидат подобри во тоа што го работат или прават. Тие се позитивен пример во заедницата и инспирација сите ние да бидеме поуспешни.
Успешните охридски приказни се поместени во 10 издание на Годишната ревија на настани, која е своевидна ретроспектива на случувањата во нашиот град во годината што измина. Една таква испиша охриѓанката Симона Трповска во морските води кај „Gili Trawangan“, најголемиот од трите малечки острови во близина на живописниот брег на Бали, Индонезија. Таа таму на два пати го подобри рекордот во техничко нуркање на Македонија, поставен во 2022 година во Египет каде тогаш Симона се спушти на длабочина од 102 метри.
На 4 август Симона стигна до 104 метри, а два дена подоцна се спушти на длабочина од 117 метри, поставувајќи нов македонски рекорд.
Симона во подвигот нуркаше со Вил Гудман кој го држи светскиот рекорд во најдолго нуркање во отворен круг во солена вода од 48 часа и 8 минути.
Таа е успешна млада личност која води сопствена фирма за консалтинг и пристап до финансии, И-ДС Коучинг и Консалтинг дооел, а нуркањето и е големо хоби. Со овој спорт се занимава рекреативно од 2007 година, а со техничко нуркање од 2021 година.
Рекордерката во длабочинско туркање, Симона Трповска, го доби признанието „Подвиг на годината“ во изборот на Охридњуз за 2023 година.
Г.М.