Со мнозинство гласови од советниците од позицијата и опозицијата, советот не ја усвои предлог -одлуката за нацрт-детален урбанистички план за УЗ 2, УБ 2.3-опфат 5, плански период 2013–2018, измени кои опфаќаат наместо една изградба на две згради позади централниот објект на детската градинка „Јасна Ристеска“ и доградба на околните згради со уште еден спрат.

  • Ние сме должни како локална самоуправа она што го изработил планерот да го ставиме на совет. Она што го имаме зацртано е да нема засилена урбанизација во градот и да се постапува во склад со упатставата од УНЕСКО, но во никој случај не сакаме да ги стопираме урбанистичките планови, затоа што урбанизацијата е цивилизациски процес и мора да следи, изјави градоначалникот Јован Стојаноски.

Координаторите на советничките групи едногласни дека е неопходна контрола на урбанизацијата во градот.

  • Реалноста е дека во Охрид, особено во центарот на градот, не треба да се прави урбана деградација која беше пример за Охрид во минатото кога урбанизмот беше во нагорна линија. Сега имаме преку 8000 станови кои не се во сопственост на охриѓани, кои се празни, а инвеститорите не можат да ги продадат. Ние треба да направиме една стратегија во однос на урбанизмот и се надевам дека наскоро ќе ја имаме и по неа ќе се движиме, вели Кирил Пецаков координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ.

  • Во овој состав на советот ова е прва предлог одлука поврзана со измена на детален урбанистички план. Кога веќе една година немаме донесен ниту еден урбанистички план тоа значи дека Охрид е под мораториум за градење. Со предложените измени не се опфаќа изградба на некои високи објекти, но принципиелно како советничка група имаме став дека овој предлог не го поддржуваме и тоа е порака и до службите во одделението за урбанизам и до инвеститорите во Охрид, дека ерата на доцртување и правење шеми заврши, вели Константин Георгиески, координатор на советничката група на СДСМ.

На денешната 17-та седница советниците, меѓу другото, расправаа и за информацијата за степенот на задоволство на граѓаните од услугите на локалната самоуправа, во општините вклучени во Проектот „Зајакнување на општинските совети“, за донесување на буџетскиот календар, за измената на распоредот на средствата на буџетот на Општина Охрид за 2018 година.

Т.К.