Граѓани реагираат дека водата во литоралот на делови од северното крајбрежје, во населбата Воска и други места, деновиве е жолта. OhridNews го контактираше Центарот за јавно здравје – Охрид, од каде по проверката на терен, извршена денеска, не информираа дека се работи за природна појава, односно дека водата не е загадена.

Кај Градска плажа, а и на неколку други места беше забележена жолтеникава материја на површината на водата близу брегот, која во најголем дел е полен измешан со ситни жолтеникави честици-прав (прашина, највреојатно исталожена од наносите од ветрот од Афричкиот континент). Хемиската анализа, засега не покажува никакви отстапувања од нормалните вредности. Овој “нанос” ќе биде исфрлен од езерото или разнесен со првиот посилен бран. Засега нема индикации за опасност од тој “нанос”, освен неубавиот, непријатен визуелен ефект што истиот го дава. – изјави за OhridNews Сашо Точков, раководител на Центарот за јавно здравје – Охрид.

Во рамки на редовната контрола, Центарорт за јавно здравје, деновиве зема примероци од површинска вода од  повеќе локации на Охридското Езеро. Анализите се во тек и штом бидат завршени јавноста ќе биде информирана за квалитетот на водата во Езерото пред почетокот на летната капачка сезона.

Г.М.