Пожарот на Галичица, кој што трае неколку дена, откако беше ставен под контрола, пак се разбуди, изјави попладнево првиот човек на ЦУК Стојанче Ангелов.

Овој пожар во главно се простира од двете страни на Галичица. Еден крак од охридската, а од другата од преспанската страна. Во моментот на охридска страна во гаснењето учествуваат над 25 вработени во националниот парк Галичица, но и доброволци од спасителната служба од Охрид, вработени во ДЗС, како и граѓани доброволци, додека од ресенска страна во гаснењето учествуваат десетина лица. На охридската страна пожарот се простира во главно во два фронта или два крака еден северен којшто води кон букова шума односно кон планинарската куќарка наречена Спиридом на којшто во моментов работат на расчистување повеќе лица за да не му биде дозволено да влезе во буковата шума, појасни тој.

Западниот фронт, како што дополни Ангелов, е навлезен кон граничниот камен и во моментов се движи кон простор од околу два хектари густа смрека, каде што досега во текот на денот се слушнале најмалку пет детонации, поради што гаснењето нема да се одвива, затоа што има повеќе неексплодирани минско експлозивни средства остатоци од минатите војни, од фронтовите кои што се простирале на Галичица.

Овој пожар ќе се почека да навлезе во шумата каде што нема мински средства и таму ќе се обидат да го сопрат. На ресенска страна на Галичица кон исток слегува полека и веќе е навлезен во мешана шума и тоа бука, но и зимзелена шума на некои места. Гаснењето би било полесно кога пожарот ќе излезе надвор од шумата. Има пристапни шумски патишта. Во момонтов се чисти еден од овие шумски патишта за да може полесно да се пристапи кон пламените јазици. Доколку пожарот го премине овој пат истиот ќе тргне кон селата Лескоец и Стење од преспанска страна, образложи Ангелов.

Г.М.