Големиот пожар што вчера утро околу 10 часот избувна во Националниот парк „Галичица“ од преспанска страна ноќеска почна да се шири кон Охрид. Најзагрозени се охридските села Рамне и Велгошти.
Во гасењето на пожарот се вклучени противпожарни екипи од Охрид и Ресен како и екипи на НП „Галичица“, но поради непристапниот терен, гасењето е отежнато.
Градоначалникот на Охрид поради сериозноста на ситуацијата побара интервенција од воздух, но од Центарот за управување со кризи објаснуваат дека авијацијата во гасењето на пожарот на Галичица може да се вклучи најрано во понеделник.
Пожарот избувна во месноста „Бигла“ на планината Петринио на преспанска страна и според првичните сознанија најверојатно е подметнат. Огнената стихија која зафати неколку хектари нискостеблеста шума се шири кон Охрид.
Од градот ноќеска се гледааа пламени јазици, а густ чад ја обвива охридската котлина. Надлежните велат дека состојбата е критична бидејќи противпожарните екипи на кои им се придружија и доброволци од градот и селата Велгошти и Рамне не можат безбедно да пристапат до деловите зафатени од огнената стихија.
ohridnews