Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ја зеде и 62-та жртва. Од Министерството за здравство информираат дека согласно информации од Воено Медицинската Академија во Белград, денеска претпладне, за жал, подлегнал на повредите Стојанче Стефанов од Кочани, роден 2001 година.

Станува збор за пациент, кој од првиот ден, согласно извршената првична тријажа од медицинските тимови е веднаш упатен на лекување во Воено Медицинската Академија во Белград и кој беше интубиран и во критична состојба во изминатиот месец. Пациентот бил со 27 отсто зафатеност со изгореници и сериозни повреди од вдишување на чад, велат од Министерството.

Појаснуваат дека пациентот во ВМА е опериран на 4 април и поставен на ЕКМО апарат, преку кој се оксигенира крвта преку машина, заради вдишаниот чад.

Но, заради сериозноста на повредите, тој поголем дел од хоспитализацијата бил нестабилен и во тешка општа состојба.

Заменик министерот за здравство Јовица Андовски посочи дека уште двајца од повредените кои се лекуваат во странство се во релативно тешка здравствена состојба.

Во пожарот во Кочани повредени беа 193 лица.

OhridNews