Републиката во пламен! Десетина големи пожари беснееат ширум земјава. Гори во тетовско, скопско, кумановско, струмичко, прилепско и битолско. Најкритично е во битолско каде како последица од задушување од чад почина едно лице. Пожарот сериозно и се заканува на Битола. Премиерот Груевски кој синоќа отпатува во Битола информираше дека телефонски разговарал со претседателот Бранко Црвенковски и побарал значително да се зголеми ангажманот на Армијата во гасењето на пожарите со војници од гарнизоните од Охрид и Кичево и со Специјалната единица од касарната во Скопје кои веќе тргнале кон Битола.
Состојбата во Охрид засега е стабилна. Во текот на вчерашниот ден пожар избувна во реонот на село Горно Лакочереј во близина на црквата Свети Спас. Причина за пожарот бил дефеткт на електричен кабел. Екипи на Професионалната противпожарна единица од Охрид веднаш интревенирале и целосно го локализирале пожарот поради кој неколку часа во прекин беше програмата на медиумите кои сигнал зрачат од месноста „Чука“.
Центарот за управување со кризи соопшти дека пожар е забележан на планината Галичица на албанска страна и дека тој се заканува на националниот парк. Состојбата со овој пожар будно се следи.
Во обид да се спречи појава на пожари денеска Професионалната противпожарна единица од Охрид во четврток ќе започне со превентивно „ладење“ на тревнатите површини во стариот дел на градот. Ќе се наводнуваат критичните места каде тревата и ниската шума се речиси целосно исушени и поради високите температури постои голема опасност од опожарување.
Г. Момироски