Пожарот што вчера избувна на планината Петрино, во близина на црквите Свети Илија и Свети Наум, во атарот на селото Велгошти, најверојатно е подметнат, дознава од извори на истрагата ohridnews.
Пожарот се случи во борова шума во внатрешноста на НП “Галичица“. Опожарена била само површинска вегетација, наслаги од суви лисја и смрека, но не и боровата шума. Во линија од околу 2 километри имало четири помали и еден пооголем пожар кој се раширил благодарение на ветрот. Охридските пожарникари со огнената стихија се бореле 6 часа, а пожарот бил целосно локализиран околу 18 ч.
Истрагата која е во тек треба да открие кој го подметнал пожарот на Петрино. Сомневањата се дека тоа го направиле дрвокрадци кои често подметнувале пожар во атарот на Шумското стопанство“ или на линијата од националниот парк. Ова не е прв пат да биде подметнат пожар во границите на НП “Галичица“, а станува индикативно што тие се случуваат премногу често, велат надлежните.
Покрај шумата во Петринската планина мета на потпалувачите е и Велестовско-рамненскиот атар каде најчесто пожарите ги предизвикуваат овчарите за обезбедат поголема паша, велат нашите извори.
Од НП “Галичица“ најавуваат дека ќе побараат од МВР да се откријат подметнувачите на пожарот и да се преземат конкретни мерки за спречување на ваквите појави во иднина.
Г.Момироски