Пожарот што избувна вчера попладне помеѓу селата Оздолени и Сошани во Општина Дебрца е локализиран, информира командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Охрид, Борко Јанкулоски.

Гори сува вегетација и ниско стеблеста мешовита шума. Екипи на ТППЕ Охрид се на терен, вработени од ЈП Национални шуми и ДПД „Ентузијаст Охрид-Дебрца“. Се очекува во текот на денешниот ден да се ликвидира, вели Јанкулоски.

Посочува дека причина за пожарот е човечки фактор.

Од ЈП Национални шуми денес со апел да се зачуваат шумите од пожари. Велат, пролетта е период на подготовки за пролетна сеидба со разни култури на нивите и полињата, при што најчесто на неадекватен начин се чистат нивите и палат отпадоците и стрништа.

Апелираме до сите кои се движат и работат во шума, излетниците и сите посетители на шумата, да внимаваат кога работат со лесно запаллив материјал, бидејќи е доволна само мала искра за да се потпали сувата трева и друга нискостеблеста вегетација. Да не се фрлаат цигари и отпушоци од цигари и догорчиња. Со цел рано спречување на нивното ширење да се дојави во надлежните институции, велат од ЈП.

Грижата за шумите, потенцираат, треба да биде длабоко врежана во свеста на секој граѓанин и да реагира според сопствената совест, со што ќе придонесе во заштитата и зачувувањето на животната средина.

И од Центарот за управување со кризи (ЦУК) реагираат дека со зголемувањето на температурите изминативе неколку дена, забележано е и зголемување на бројот на повиците кон ТППЕ, односно зголемен број на противпожарни интервенции.

Само за време на викендов беа забележани 60 пожари на отворен простор на територијата на државава, а 9 се сеуште активни, потенцираат од ЦУК.

Н.С.Ј.