Пожарот на планината Серта денеска ќе се гасне од воздух и од земја. На состанокот на Кризниот штаб на општина Неготино синоќа беше најавено дека ќе се дејствува од воздух со четири хеликоптери и три авиони за гаснење пожар, додека од земја ќе дејствуваат припадници на АРМ, МВР, ЕБР, пожарникари од повеќе градови, јавните комунални претпријатија, Национални шуми, ловџии и други доброволци. Обезбедена е и потребната механизација за дејствување од терен, а се планира активностите за гаснење на пожарот да започнат уште во раните утрински часови.
Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов утрово информира дека турскиот хелихоптер е веќе упатен кон Серта, како и дека сите пожари се под делумна контрола вклучително и пожарот кај Битола.
Нашиот фокус во текот на претпладнето и во текот на денот ќе биде ставен на пожарот на Серта, доколку другите пожари не побаруваат употреба на воздухоплови. Најголемиот дел од воздухопловите ќе ги фокусираме на овој пожар на Серта. Трае долго време и зафаќа голем фронт, но карактеристично за него е тоа што во текот на ноќта тој стивнува, изјави ноќеска директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов. Додава дека иако стивнува ноќе, со зголемувањето на температурите во текот на денот тој се разговорува.
Повеќе денови трае гаснењето на пожарот на планината Серта, за кој директорот на Центарот за управување со кризи Ангелов синоќа оцени дека е најсериозен и најтежок за гаснење бидејќи се работи за исклучително тежок терен испресечен со долови, карпест терен со ридишта, густи трња и грмушки и друг тип на нискостеблести растенија и делумно шума. Пожарот на Серта синоќа се простираше на територија на Штип и делумно на Неготино.
Како што беше најавено, претпладнево се очекува да пристигнат и два хелихоптери од Словенија и еден голем хелихоптер со носивост од пет тона од Србија, а најавен е и еден хелихоптер од Црна Гора.
Овие ресурси добар дел од нив ќе ги сконцентрираме на планината Серта и во зависност од развојот на состојбата и на некој од другите шумски пожари затоа што состојбата се менува од минута во минута, рече Ангелов во изјава за медиумите.
В гаснењето на пожарите се вклучени и 103 припадници на Армијата и 30 припадници на полицијата, сите во гаснењето на пожарот на планината Серта.
Во случај на потреба имаме на располагање дополнителен број на војници, како и дополнителен број на полицајци, но теренот на планината Серта е таков што не дозволува поголем ангажман на луѓе од земја, бидејќи се работи за исклучително тежок терен испресечен со долови, карпест терен со ридишта, густи трња и грмушки и друг тип на нискостеблести растенија и делумно шума, изјави Ангелов.
Ноќеска под контрола беше ставен и пожарот над Радовиш. Пред да биде ставен под контрола, постоеше опасност тој да се прошири на викенд населбата која се наоѓа во близина на градот. Локалните пожарникари дежураат во текот на целата ноќ за да не дозволат тој да се прошири.
Условно кажано, пожарот е заокружен од сите страни. Горната страна од кај планината веќе имаме изгорен појас, така што ние сме големи оптимисти дека до утре претпладне пожарот ќе биде ставен под целосна контрола, рече Ангелов.
Поради активниот пожар на регионалниот пат Неготино – Штип, кај село Пепелиште, сообраќајот е во прекин за сите видови возила, во двата правци.
Синоќа беше активен и пожарот над Битола, но како што изјави Ангелов, не претставуваше опасност за градот. Поради пожарот од ноќеска се пренасочува сообраќајот од обиколницата Битола, патен правец Прилеп – Ресен, низ градот Битола. Во гаснењето на пожарот вчера попладне лесно беа повредени двајца пожарникари. Едниот кој имаше изгореници на дланките и на подлактицата е хоспитализиран во битолската болница, додека другиот беше пуштен на домашно лекување.
Ноќеска заседавал и Кризниот штаб во Битола кој донел неколку одлуки за полесно справување со огнената стихија. Повеќе од 120 пожарникари, доброволци и возила на противпожарната единица ноќеска беа на терен. Доколку до утрово пожарот не биде ставен под контрола, Ангелов најави дека тој ќе биде гасен и од воздух.
Во земјава вчера беа активни десет пожари, а попладнето се појавија и нови. Директорот на ЦУК заедно со претставници на локалните самоуправи беше на терен и во текот на ноќта да ја контролира состојбата со пожарите.
Вчера седница одржа и Управувачкиот комитет за координација на системот за управување со кризи, со која претседаваше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а присуствуваа и министрите за одбрана Владо Мисајловски и за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, како и раководителот на Групата за процена на ризици и опасности Стојанче Ангелов, соопшти МВР.
На седницата беше утврдена потребата да се активираат меѓународните механизми за обезбедување на помош во воздухоплови, кои ќе се вклучат во гаснењето на пожарите кои деновиве ја зафатија државата. Денеска претпладне од Турција пристигнаа два „ер трактори“ и еден хеликоптер, кои веќе активно работат на терен. Во текот на утрешниот ден ќе пристигнат два хеликоптери од Словенија и по еден хеликоптер од Србија и од Црна Гора, потенцираше министерот Тошковски.
Директорот на Центарот за управување со кризи Ангелов синоќа изјави дека полицијата веќе има информации за неколку предизвикувачи на пожари. Зборувајќи за забраната за движење во шума, Ангелов рече дека ниту еден планинар досега не предизвикал пожар и оти пожарите секогаш избувнуваат во близина на урбани средини, ниви или стрништа и дека има и подметнати пожари како во Кавадарци.
Треба уште еднаш да ја разгледаме оваа одлука затоа што сите пожари започнуваат во близина на урбани средини и на ниви, од стрништа или како што веќе реков на територијата на Кавадарци човек кој што ги подметнал. Тие луѓе кои што сакаат да предизвикаат пожар нив нема да ги исплаши оваа забрана за движење. Во разговорот со министерот Тошковски и со директорот на БЈБ наидов на разбирање кај нив. Полицијата ќе даде максимално се од себе во превентивното дејство да имаме засилено движење на полиција, но и репресивно дејство. Мислам дека веќе имаат информации за неколку предизвикувачи на пожари, рече Ангелов во Тема на денот на Сител.
На прашањето дали е лоциран човекот, директорот на ЦУК негира, вели дека се трага по него и дека не се знае неговиот идентитет, но и дека тешко може да се најде.
Пожарникарите наишле на четири купишта со гранки запалени од нив. Пожарот почнал да се шири. Тие кога го изгаснале ги виделе и огништата кои се намерно направени, рече Ангелов.
OhridNews