Најголемиот дел од пожарот кој вчера избувна кај Националниот парк – „Пелистер“ е под контрола, изјави за Макфакс, градоначачникот на општина Битола, Владимир Талески. Тој додаде дека сите екипи уште од пет часот изутрината се на терен и го гаснат огнот.

„Уште од рано изутрината на терен ги имавме сите екипи, противпожарни возила, два канадери од Дирекцијата за заштита и спасување, еден хеликоптер и акцијата е скоро завршена. Најголемиот дел од пожарот е ставен под контрола, но се уште има жаришта на огнот и при налет на ветер може повторно да се разгори“, изјави Талески.

Во 10 часот Талески одржа повторно состанок на Кризниот штаб на општина Битола,  на кој се утврдува ситуацијата на терен и  се решава за идните чекори за справување со пожарот.

Во акцијата за гасење на огнената стихија на Пелистер вчера беа вклучени два авиона кои полнеа вода од Преспанското езеро, како и еден хеликоптер од АРМ. Од огнот беше спасено и планинското село Ротино, каде пожарот гореше на половина километар од селските куќи. Зафатената површина од паркот не е мала, а материјалната штета дополнително ќе се проценува, велат од Дирекцијата за заштита и спасување.

OhridNews
извор: Makfaks