Состојбата со пожарот што избувна синоќа на планината Галичица на територија на Република Албанија, од каде подоцна се пренесе на македонска страна, е загрижувачка, оценуваат стручните лица од Националниот парк Галичица.
Пожарот е навлезен километар, до километар и пол на наша територија. Зафатена е сува трева, а ветрот кој дува од јужен правец го шири забрзано на северозапад во правец на Магаро кон заштитените подрачја на паркот. Состојбата е критична, поради што во консултација со одговорните во граничната полиција побаравме од Центарот за управување со кризи интервенција од воздух. – изјави за OhridNews Наумче Новески од НП Галичица.
Пожарот кој беснее во високите предели на Галичица е на тежок, непристапен терен, а голем проблем претставуваат експлозивните средства кои датираат од време на Првата светска војна. Екипите вклучени во опсервација на ситуацијата кои ги пренесуваат информациите до ЦУК, информираат дека се забележани и експлозии што, според нив, е причина повеќе за вклучување на специјализирани летала за гасење пожари од воздух. На иста линија е и Центарот за управување со кризи.
Во моментов гори сува трева, грмушки и ниска деградирана ретка шума. Теренот е непристапен за гаснење од земја со човечка сила и е ризичен терен со заостанати неексплодирани убојни средства од балканските и Првата светска војна и постои реална опасност од нивно активирање. Постои опасност од проширување на пожарот, може да биде зафатена и заштитената зона од шума на НП Галичица. Со ангажирање на хеликоптер би се спречило проширувањето. Екипа од НП Галичица и Граничната полиција се на терен и го наблудувааат пожарот. – информираат од ЦУК.
Според најавите Центарот за управување со кризи во 14 часот ќе одржи состанок на кој ќе се одлучува за вклучување на хеликоптер во гасењето на пожарот на Галичица.
Г.М.