Пожарот кој вчера беше регистриран на Галичица на територија на соседна Албанија, се прошири и на територијата на нашата држава. Од општина Охрид велат дека внимателно ја следат состојбата со шумскиот пожар на планината “Галичица” кој е активен на потег во рамки на националниот парк.
Пожарот, во текот на вчерашниот ден од територија на Република Албанија, каде што беше регистрирано почетното жариште, ја зафати и територија на Република Северна Македонија. Вчера во 14 часот, градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески по претходна координација со надлежните од Национален парк “Галичица” испрати барање до Центарот за управување со кризи за ангажирање на летало, за проценка на пожарот и за спроведување на активности за гаснење од воздух. Според првичните информации, од пожарот е зафатена тревна вегетација на непристапен предел и нема опасност од проширување кон населени места, велат во соопштението од општина Охрид.
За сите информации во врска со шумскиот пожар, јавноста ќе биде тековно и навремено информирана, додаваат во соопштението од општина Охрид.
Во текот на вчерашниот ден се огласија и од Центарот за управување со кризи.
Пожарот кој синоќа се појави на планината Галичица е активен на албанска територија и според последните информации со помош на ветерот е прекинато движењето према македонската страна и е околу 2 км оддалечен од нашата територија. Екипа од НП Галичица и граничната полиција се на терен и ја следат состојбата, наведоа во вчерашното соопштение од Центарот за управување со кризи.
OhridNews