Десеттици пожарникари, вработени во шумските и јавните претпријатија и доброволци ја продолжуваат битката со пожарот што веќе трет ден беснее кај селото Опеница и се прошири во шумите над селата Косел, Вапила, Куратица и Расино.

Во телефонски разговор, Зоран Карадакоски, координатор на Штабот за заштита и спасување при Општина Охрид, ни изјави дека пожарот е под контрола, но се уште е активен.

Со механизација направивме земјен појас над селата што ќе спречи ширење на огнот кон населените места. Опасност сега засега по нив нема. Сепак се работи за големо жариште и главна цел е да спречиме проширување на огнот со сите расположливи средства, истакна Карадакоски.

Охридњуз контактираше и со градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков. Тој истакна дека состојбата внимателно се следи и дека во текот на утрешниот ден ќе се интервенира и од воздух.

Покрај теренски утре пожарот ќе се гаси и од воздух со хеликоптери и авиони, рече Пецаков.

Екипа на Охридњуз вчера попладне направи снимки од воздух на кои се гледа дека огнот има зафатено голема површина шума. Гори дабова и борова шума.

 

Штетите се огромни, а неофицијално причина за пожарите е човечки фактор.

Г.М.