Пожарникарите кои летниот период секојдневно беа во првите редови за гасење на пожарите кои го зафатија Охридскиот регион ќе добијат парична награда. Мнозинството советници по бурната расправа на денешната седница во поглед на тоа дали релевантно се носи одлуката да бидат наградени само дел од вработените пожарникари од ТППЕ Охрид се изјаснија позитивно. Беше побарано од страна на советниците да бидат вклучени сите пожарникари, но и потенцирано дека ако веќе се наградуваат пожарникарите, треба да се наградат и сите други кои учествуваа во гасењето на пожарите, меѓу нив вработените во јавните претпријатија, планинската служба, граѓани, волонтери….

Советничката Живка Ангелоска истакна дека даваат поддршка на секоја одлука која е принципиелно донесена и дека треба да бидат наградени тие кои беа во првите борбени линии справувајќи се со огнот.

Секогаш сме давале поддршка за секоја програма која се однесувала на ТППЕ Охрид и сме апелирале да се користат средствата за модернизирање. Но, не можеме да се согласиме со една ваква одлука бидејќи истата е непотполна, не гледам објективност и е нехумана. Ова го велам затоа што со оваа одлука се наградуваат само 19 пожарникари и се ќе беше во ред ако тоа беше вкупниот број на вработени таму. Врз основа на кои методи и мерливи параметри се утврди кои пожарникари ќе бидат наградени, а кои не? Како и во секоја институција сигурно и таму владее некој ред и хиерархија кој каде ќе работи. Пожарникарите не се доброволци и кога веќе ги спомнувам доброволците треба да ги поздравиме и сите наши сограѓани кои учествуваа во гасењето на пожарот. И се наметнува прашањето како ако се наградуваат 19 и се вели дека се пожарникарите кои ги гаселе пожарите, зошто ТППЕ Охрид работела со половина од својот потенцијал и зошто тежината ја давала на 19 вработени, рече Ангелоска.

Предложи оваа Одлука да претрпе измени и да бидат наградени сите пожарникари кои за време на гасење на пожарот не отсуствувале од работа по различни основи според Законот за работни односи.

Тоа е најмалку што ние треба да го направиме овде. Во случајот нема да биде виновен предлагачот, туку ние советниците кои треба да ја донесеме оваа одлука. Битни ми се принципите и мерилата и сакам секој еден да биде испочитуван. Овде не се работи за финансиски бенефит, туку за чест и почит. Во однос на износот кој е даден предлагам да биде во зависност од бројката колку се вработени и истиот да се дуплира, рече Ангелоска.

Сепак оваа предлог Одлука не беше прифатена од мнозинството советници.

Командирот на ТППЕ Охрид Борко Јанкулоски истакна дека не случајно се опфатени само 19 пожарникари од вкупно 39  вработени.

Доколку изминативе дваесет години се мислело какви кадри се примаат и дали би можеле да одговарат на вакви сериозни пожари би биле на списокот да бидат наградени сите 39. Таа бројка од 19 пожарникари се тие кои беа секојдневно активирани во гасење на пожарите на Илинска Планина, Плаќенска Планина, Косел, Опеница, Вапила, Расино, НП Галичица, некои дури и преку Центарот за управување помагаа и во соседните општини. Дел од пожарникарите кои не се ставени на списокот користија боледување, дел не се одзваа на повиците. Затоа подобро никој да не биде награден отколку сите да бидат наградени. Другата бројка на списокот се од двете доброволни друштва, нашето охридско „Ентузијаст“ и доброволното друштво „Повардарец“ од Неготино кои од првиот ден на големите пожари, не само на Галичица, беа присутни и активни рамо до рамо со професионалните пожарникари. Некои од поквалитетните пожарникари мораа да дежураат и во Противпожарниот дом, додаде Јанкулоски.

Советникот Арбен Демироски посочи дека освен пожарникарите треба да се наградат и сите останати кои помагаа во гасење на пожарите, споменувајќи дека цела недела имало и работници од јавните претпријатија.

Вие споменавте од волонтерите само десет луѓе, две доброволни противпожарни друштва. Што се случува со другите волонтери, планинари, луѓе од градот, тие тотално се тргаат на страна. Како спрема тие луѓе кои придонеле, можеби не професионално како пожарникарите, во гасењето на пожарите ги маргинализираме, исто како и дел од вработените во ТППЕ Охрид кои го покривале целиот град со останатите интервенции. Да сите сакаме да се наградат луѓето кои придонеле, а не само одреден број, рече советникот Бојан Михајловски.

Советникот Наум Јамандиев предложи ТППЕ Охрид да изготви Правилник за наградување по кој советниците ќе се раководат за изгласување на вакви одлуки.

Во никој случај не станува збор за маргинализирање на никого. Беше предлог со кој треба да дадеме почит кон луѓето кои секојдневно биле ангажирани во гасење на пожарите. Точно дека имаше и други луѓе кои учествуваа по неколку дена. Со оглед на ова што пожарите трае имаше луѓе и од Општината кои беа на терен, покрај тие 19 пожарникари. Верувам во предлогот што беше доставен од ТППЕ Охрид за луѓе кои секојдневно беа ангажирани во гасење на пожарот на различни локации, рече секретарот Александар Китески.

Инаку, вкупната сума која е издвоена за оваа намена изнесува 580 000 денари.

Н.С.Ј.