Националната гарда на Украина е во состојба на готовност по ширењето на пожарот до кој дошло во непосредна близина на нуклеарната постројка во Чернобил.изјави Арсен Аваков, министер за внатрешни работи на Украина. „Пожарот во шумата е во близина на електраната и е се поголем“, објави Аваков.
Украинскиот премиер лично го посети местото на пожарот, а за медиумите рече дека огнената стихија е под контрола, иако ова е најголем пожар од 1992 година. Пожарот се доближил до нуклеарната централа, во која во 1986 година дојде до најголема нуклеарна катастрофа во историјата.
Иако надлежните тврдат дека се загрозени 400 хектари шума, активистки на Гринпис Русија тврдат дека се загрозени 10.000 хектари шума во ова подрачје. Првата опасност доаѓа од растенијата кои ја впивале радијацијата, предупредуваат еколозите.
„Кога се случи катастофата, дрвјата ги апсорбираа радиоактивните материи, а оние билки кои пораснаа подоцна ги апсорбираа материите од загаденото тло. Кога такви дрвја горат, како повторно да го имате Чернобил. Радиоактивните материи се ослободуваат со горењето и одат во воздухот, а луѓето ги дишат“, вели екологот Кристофер Базби.
Пожарот почна вчера и 182 пожарникари со 34 возила цела ноќ се борат со него.
OhridNews
извор Макфакс