Нема крај на проблемите со пожарите во охридскиот регион. И додека состојбата со пожарот кај Косел со голем напор се става под контрола претпладнево избувна пожар на планината Галичица на границата со Албанија.
Информацијата за Охридњуз ја потврдија планинари, но и извори од надлежни институции, вклучително и Националниот парк Галичица, а веќе се алармирани сите надлежни служби.
Се работи за тешко пристапен терен кон кој се упатени противпожарни екипи од Албанија, а испратени се координати до воздухопловните единици кои веќе дејствуваат во охридскиот регион за воздушна поддршка која во раната фаза од пожарот, според првичните проценки, би можела да биде од голема корист, велат нашите извори.
Во моментов дува западен ветер кој неповолно влијае на развојот на ситуацијата, велат тие.
Пожарот е во близина на граничниот камен Ф10, а неофицијално причина за истиот е човечки фактор.
Први до жариштето стигнаа членови на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид кои го лоцирале пожарот.
Г.М.