Струшките пожарникари прават напори да се пробијат до шумскиот појас меѓу селата Октиси и Долна Белица каде денес избувна пожар. Станува збор за карпест и непристапен терен.

Од струшката Противпожарна служба информираат дека се преземени мерки за заштита на викендиците кои се наоѓаат во близина на пожарот и дека тие засега се безбедни. Напорите продолжуваат за да се стигне до локацијата и локализира пожарот.

Деновиве гори во целата земја. Од ЦУК информираат дека денес пожари има и во скопскиот, кумановскиот, струмичкиот, велешкиот, штипскиот и тетовскиот регион.

Во охридскиот регион до сега се евидентирани над 200 интервенции.

Изминатите денови во Преспа изгореа околу 300 хектари шума, трска и ниска вегетација, дел во НП Галичица, во Охрид беа запалени две куќи, а уште две изгореа во струшко Октиси, заедно со неколку хектари шума. Во Дебрца огнот проголта електричен столб и голем приватен имот. Трската покрај Охридското Езеро непрекинато гори повеќе од еден месец.

Во најголемиот број случаи има сомневања дека пожарите се подметнати.

OhridNews