Поради силниот пожар кој веќе четири дена беснее во сојузната американска држава Калифорнија северно од Лос Анџелес, вчера уште илјади жители се евакуирани од нивните домови.

Речиси три илјади пожарникари од петокот се справуваат со пожарот во кој изгореа најмалку 130 квадратни километри терен северозападно од Националниот парк Анџелес, соопштуваат властите.

Само од неделата огнот зафатил уште 4.500 хектари терен, покажуваат најновите податоци на противпожарната служба.

Најмалку 18 објекти се уништени во текот на изминатиот викенд, а во пожарот животот го загубило едно лице. Плановите на некои евакуирани жители да им се дозволи враќање во домовите, се одложени поради опасната промена на насоката на ветерот.

Вчера утрото по американски време се евакуирани уште 10 илјади луѓе, односно севкупно меѓу 20 и 30 илјади лица, соопшти противпожарната служба. Инспекторот за пожари од округот Лос Анџелес, Џо Марон изјавил за Reuters дека се загрозени уште околу 200 деловни објекти.

Пожарот им се заканува на групата мали населби во близина на Санта Кларита, околу 65 километри северно од Лос Анџелес.

Причинат за овој пожар уште е непозната, Од јануари годинава ширум Калифорнија, којашто е зафатена од долготрајна суша, избувнале околу 3.750 мали или големи пожари, што е повеќе отколку вообичаено, а изгореле повеќе од 800 квадратни километри земјиште.

OhridNews
Извор:„Макфакс“