Денеска повторно се чувствува чад по последниот пожар кој се случи на нестандардната депонија Буково. Директорот на ЈП Комуналец, Љупчо Грданоски вели дека огнот е стивнат и сега се чувствува густ чад и  повторно ќе се пристапи кон прекривање со земја, но вели дека мора да се откријат причините за настанување на пожарите . Според информациите кои ни ги достави Инспекторатот за животна средина последниот надзор на депонијата Буково бил извршен на 23.09, а пожарот како што вели Грданоски се случува само три дена по последното добиено решение и фото документација од Инспекторатот во кое како што вели тој стои дека со депонијата е се во ред. Грданоски повторно апелираше надлежните институции да постапат по случајот, бидејќи очигледно станува збор за истата група на луѓе која го подметнува пожарот.

Последното добиено решение од Државен инспекторат е дека се е во ред со депонијата. Денеска повторно поднесов пријава до МВР, се работи за класично потпалување на депонијата не за природно настанат пожар и ги повикав и МВР и Јавно Обвинителство да постапат, затоа што не може да настанува пожар постојано. Потрошени се огромни парични средства за санирање на пожарите. Ова е свесно и намерно потпалување. Очигледно е дека со секое ново депонирање на отпад ќе има и ново палење и затоа повикувам  на почести патроли на депонијата од СВР Охрид,  вели Грданоски.

Со претходната верзија на Законот за управување со отпад, како и со новата консолидирана верзија на истиот која беше неодамна усвоена во Собранието, законска надлежност за постапување имаат локалните/општинските инспектори за животна средина и истите задолжително треба да постапуваат по истиот. Од Инспекторатот велат дека тие постојано ги следат случувањата со нестандардните депонии и согласно овластувањата ќе постапуваат понатака.

 

К.А.