Екипи на Територијалната противпожарна служба од Охрид ноќеска повторно беа излезени на терен и гасеа пожар на депонијата Мауцкер.Пожарот се уште не е целосно изгаснат, а над депонијата се уште може да се забележи чад.

На депонијата се интервенира во моментов каде на терен е едно возило со двајца пожарникари. Се носи земја со камиони и се покрива. Вклучени се и екипи на ЈП Охридски Комуналец. Синоќа во гаснење на пожарот беа вклучени две возила со 5 пожарникари, информираат од ТППЕ Охрид.

Слична интервенција пожарникарите од Охрид имаа и пред десетина дена, кога исто така гореше отпад на депонијата.

Како што посочуваат од ТТПЕ Охрид, причина за избувнувањето на пожарот е човечки фактор, а гаснењето тешко се одвива оттаму што се работи за опожарен материјал што мошне тешко се гаси со вода, односно потребна е интервенција со механизација за затрупување на опожарените делови од ѓубрето.

OhridNews