Повторно е одложен историскиот скок на австрискиот авантурист Феликс Баумгартнер од работ на вселената заради јаките налети на ветер во Росвел, пренесува „Макфакс“.

По повеќекратните одложувања заради неповолните временски услови, конечно требаше да започне историската авантура на Австриецот.

„Подготвен сум за тргнување“, изјави Баумгартнер по сместувањето во капсулата.

Но, во последен момент, на само неколку моменти пред да полета на височина од 36,5 километри, авантурата беше прекината заради силните налети на ветер.


Скокот првично беше најавен завчера, а нов обид ќе биде направен денеска, под услов ветрот да се смири.

Тимот кој работи заедно со Баумгартнер, на проектот Ред Бул Стратос, е составен од 200 луѓе. Австриецот ќе се обиде да го собори рекордот кој пред 52 години го постави неговиот ментор Џозеф Китинџер.

Главна цел на целиот проект е да собере податоци кои на научниците ќе им овозможат подобрување на условите на вселенските патувања, како и да овозможат евакуација на вселенско летало на голема височина.

Баумгартнер со својот потфат ќе собори низа рекорди, како најголема брзина при слободно паѓање, највисок скок, највисок лет со балон и најдолго слободно паѓање.

„Без овој скок мојата кариера на би била целосна“, рекол Баумгартнер.

Австриецот досега има изведено скокови од најпознатите светски локации, Петронас кулата во Куала Лумпур и статуата на Исус во Рио де Женеиро, а го има прелетано и Ламанш.

OhridNews
извор:„Макфакс“