Осумгодишното девојче кое со обилно крварење во пределот на гениталиите во петокот на 8-ми февруари било примено и згрижено во гинеколошкото одделение при Општата болница во Охрид, по извршениот оперативен зафат закрепнува, ни изјави началникот на гинекологија, д-р Ѓорѓи Танески.
„Девојчето сега е во општа стабилна состојба“, ни изјави д-р Танески. Тој не информираше дека случајот веднаш бил пријавен во охридската полиција, која понатаму треба да истражи што всушност се случило со повреденото девојче. Родителите на девојчето, а и тоа самото, како што ни соопшти лекарскиот тим од гинекологија, тврделе дека девојчето се повредило на гранка при вршење мала нужда во близина на наплатната рампа кај Гостивар. Но девојчето секојдневно ги менува изјавите, и затоа треба да се остави истражните органи да ја утврдат вистината, додаде д-р Танески и
Според д-р Охридија Филева која била дежурна дента кога малолетната С.С. во тешка состојба била примена во гинеколошкото одделение, ни изјави дека кај девојчето биле констатирани длабоки рани во пределот на гениталиите. При вагиналниот преглед беа утврдени длабоки рани кои потоа се санирани, изјави д-р Филева. Од тоа што можеше да се утврди видливо беше дека девојчето има дефлорација на химен која била извршена поодамна, рече д-р Филева. Крварењето кај повреденото девојче кое во охридската болница го однеле родителите, било големо и доколку не се интервенирало навреме можело да настанат компликации кои ќе имале сериозни последици по здравјето на девојчето. Што точно се случило со девојчето треба да утврди судски вештак, но од тоа што ние го утврдивме многу веројатно е девојчето сексуално да било злоупотребено, вели д-р Филева. Таа информираше дека и кај сестричката на близначката која била прегледана подоцна била утврдена стара дефлорација, но таа немала акутни повреди. Изјавите од родителите и малечката беа чудни и нереални поради што ние случајот го пријавивме во полицијата која треба да утврди што точно се случило со девојчето, објасни д-р Филева.
Социјалниот работник во општата болница Јованка Арнаудоска за случајот била информирана дури по три дена, во понеделникот по што истиот го пријавила во полиција. Арнаудоска извршила разговор со девојчето и родителите, но и нејзе и била раскажана истата приказна. Според исказот родителите и девојчето со такси патувале од Скопје кон депонијата Буково. Девојчето побарало да изврши мала нужда во близина на Гостивар, по што се пожалило на болки и обилно крварењеи како последица на повреда со гранка од дрво. „Истрагата е во тек, алармирани се социјалните служби во Охрид и Скопје бидејќи повреденото девојче е жител на Скопје. Тоа денеска најверојатно ќе биде испуштено од охридската болница и ќе биде згрижено во Домот за деца без родители 11 Октомври во Скопје каде веќе се наоѓаат нејзината сестра близначка и четиригодишното братче“, ни изјави Арнаудоска. Мајката и таткото на девојчето кои живееле во вонбрачна заедница по информативниот разговор обавен во понеделникот се задржани во притвор во охридскиот затвор. Дали девојчето е силувано или повредено ќе утврди истрагата, вели Арнаудоска.
Од охридскиот Центар за социјални работи во кусото соопштение објаснуваат дека во интерес на малолетните деца нема да се даваат понатамошни информации, затоа СЕ МОЛАТ медиумите да внимаваат какви информации пласираат се додека не се разреши постапката.
Неофицијално притворено бил и такси возачот, како и уште едно лице за кое постои сомневање дека извршило кривично дело,обљуба врз малолетно дете. Случајот со сексуална злоупотреба на двете малолетни деца ја шокираше не само охридката туку и македонската јавност. Грижата за овие деца ја презеде државата, која повеќе од очигледно треба да развие соодветни механизми во иднина да се спречи ваквата брутална злоупотреба на децата.
МВР поднесе кривични пријави за сексуална злоупотреба на малолетно девојче
Одделот за организиран криминал при МВР до Јавното обвинителство – одделение за гонење сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција, поднесе кривична пријава против лицата М.Д. (37) од Прилеп, Н.С. (31) од Скопје, Б.И. (31) и О.И. (27) двајцата од Битола, поради основано сомение дека сториле кривично дело – “трговија со малолетно лице“.
Имено, пријавените Б.И. и О.И. на 08.02. со патничко моторно возило (односно такси возило “форд ескорт“ со штипски регистарски таблички) дошле во Скопје, по претходен договор со М.Д., со намера да одат на место викано „Буково„- охридско, да собираат старо железо. Притоа со возилото ги повеле и пријавената Н.С., инаку вонбрачна сопруга на М.Д. и нејзините три малолетни деца (две девојчиња близначки на осумгодишна возраст и момче на шестгодишна возраст). На патот кон Охрид пријавените застанале со возилото, при што од возилото излегле М.Д., Б.И., О.И., Н.С. и едно од девојчињата кое од страна на М.Д., Б.И. и О.И. било однесено недалеку од патот каде што било сексуално злоупотребено од страна на Б.И.. За тоа време Н.С. останала до возилото заедно со другите две деца кои биле во возилото. После ова тие сите заедно го продолжиле патот, но по извесно време злоупотребеното девојче почнало обилно да крвари и откако пријавените не успеале да го спречат крварењето мајката Н.С. заедно со М.Д. го однеле девојчето во Општата болница во Охрид каде што над него била извршена хируршка интервенција.
За злоупотребата на девојчето Н.С. добила извесна парична надокнада од страна на Б.И. а исто така и порано за парична надомест мајката овозможувала девојчето да биде сексуално злоупотребувано од Б.И. Истражен судија на пријавените им одреди мерка притвор од по 30 дена.
Горан Момироски