Минаа повеќе месеци откако здружението за заштита на животни „Анималија“ од Охрид ја алармираше пошироката јавност, но и надлежните институции за потребата од помош, соодветна нега и згрижување на повреден лебед кој извеен период сам се движи во крајбрежјето на Охридското Езеро. Утрово здружението повторно добило дојава за повреден лебед, кој всушност е истиот лебед за кој информираа од „Анималија“.

-Утрово ни беше алармирано од страна на полиција и граѓани, и после наша дојава на терен излезе ветеринар. Известен беше и локалниот ветеринарен инспектор. Ова е истиот лебед за кој алармиравме до Агенцијата за храна и ветеринарство – АХВ и со ветеринарните инспектори пробувавме да го заловиме. Ги известуваме граѓаните доколку го здогледаат овој лебед со повредено крило, да не се вознемируваат. Овој лебед е Џорџ. Беше на пристаниште, сега најчесто се здогледува на потегот на плажите Инекс и Славија. – информираат од „Анималија“.

Оттаму додаваат дека се уште немаат одговор на претставката која здружението ја поднело до АХВ на ден 27.05.2015 поврзана за случувањата со повредени и угинати лебеди на Охридското Езеро, а во која се апелира дека е крајно време да се оформи професионално тело за грижа за лебедите. Ова дотолку повеќе ако се има предвид неможноста на надлежните соодветно  да се справат во случајот со лебедот Џорџ, велат од „Анималија“.

-После многубројни апели, конечно пред 2-3 месеци стручни лица излегоа на терен да го заловиме лебедот и да пробаме да санираме повреденото крилце. Ловот беше несупешен, лебедот само се истрауматизира, а тоа доволно кажува за непрофесионалниот пристап на службите кои по дифолт требаше да си ја завршат работата и тоа без никаква наша помош бидејќи волонтерите во нашето здружение не се остручени за птици.-објаснуваат од „Анималија“.

Од здружението укажуваат дека повредениот лебед без проблеми маневрира по езерото и живее вака скоро година дена. Сметаат дека во недостиг на професионална служба која ќе може без никаков стрес да го залови лебедот и која целосно успешно ќе ја изведе целата оваа операција, подобро е тој да биде оставен да живее вака, отколку да му откаже срцето од стрес, бидејќи лебедите се мошне чувствителни птици.

-Фрлајте му храна, набљудувајте го и слободно уживајте со лебедчето Џорџ.– порачуваат од „Анималија“.

OhridNews