Охриѓанецот Мишко Тримче(27), вработен во експозитурата на Комерцијална банка во Струга, тешко е повреден при обид за грабеж на банката што се случил утрово во 7:30ч  во центарот на Струга. Вработениот го спречил грабежот при што што бил повреден со нож од маскираниот напаѓач, кој подоцна е идентификуван како Дарко Матов (32).


спречен обид за грабеж во „Комерцијална банка“ – Струга

Според полицијата, напаѓачот со црна маска на лицето  влегол во експозитура на банката во центарот на Струга и со закана со пиштол од вработениот побарал пари.  Притоа, вработениот се спротивставил и успеал да му ја отргне маската и пиштолот, за кој подоцна е утврдено дека станува збор за „плашливец“. Ограбувачот тогаш извадил нож и го нападнал вработениот при што му нанел повреди по телото. И во таква состојба вработениот успеал да го задржи напаѓачот по што случајни минувачи му дошле на помош по што ограбувачот бил совладан и предаден на полицијата.

Повредениот веднаш е префрлен во Општата болница во Струга од каде по извршената интервенција е упатен на Торакална хирургија во Клиничкиот центар во Скопје. Според лекарската екипа тој има тешки повреди како последица на убоди од нож, но според нив повредениот е во стабилна здравствена состојба.

„Пациентот беше донесен во  сериозна и тешка состојба со убод во белите дробови и посекотини на прстите и главата. После интервенцијата на лекарите од хирургија пациентот со медицинска екипа е упатен на Клиника  во Скопје“, ни изјави директорот на Општата болница во Струга Фарук Сарачи. Мишко Тримче немал повреди на витални органи, и според д-р Сарачи е надвор од животна опасност.

Обидот за грабеж на експозитурата на Комерцијална банка, која инаку нема физичко обезбедување, бил забележан од повеќе очевидци кои исто така помогнале напаѓачот да биде совладан. „Пиевме кафе со пријател и  видовме како започна расправија во банката. Потоа напаѓачот извади нож и го удри вработениот по што притрчавме повеќемина да помогнеме“ ни изјави Ќемаил Зекировски, очевидец на настанот. На помош меѓу првите дотрчал и продавачот на весници од блиската трафика Владо Чавасоски. „Се слушна викање од банката по што се создаде гужва. Притрчав и го видов Мишко искрвавен но го држеше напаѓачот Дарко. Ми се пожали дека е многу повреден по што заедно со други комшии го отргнавме напаѓачот и го пренесовме Мишко во болница“, ни раскажа Чавасоски.


се’ се случи брзо раскажува Ќемаил Зекироски – очевидец

Дознаваме дека напаѓачот Дарко Матов, попладнево ќе биде изведен пред истражен судија кој треба да одлучи дали и колкава мерка притвор ќе му биде одредена за стореното дело. Увид на местото на настанот извршија екипа на ОВР Струга, истражен судија и заменик јавен обвинител. Истрагата е во тек.

Горан Момироски

претходна вест: Тешко повреден вработен при обид за грабеж на Комерцијална банка во Струга ! http://www.ohridnews.com/index.php?mod=1&kat=5&id=3649