По завршување на фудбалскиот натпревар помеѓу екипите на Караорман од Струга и Охрид, во рамки на Втората фудбалска лига, што се одригра вчера, се случил инцидент на импровизираната трибина на која биле сместени гостинските навивачи. На инцидентот претходела расправија околу напуштање на стадионот на охридските навивачи со ангажираното обезбедување, по што дошло до интервенција на струшката полиција.

На 08.04.2023 околу 17.00 часот во Струга, по завршување на фудбалскиот натпревар помеѓу екипите на Караорман од Струга и Охрид, во рамки на Втората фудбалска лига, бил нарушен јавниот ред и мир од повеќе лица од навивачка група од Охрид, при што бил оштетен дел од инвентарот на стадионот. Притоа, при преземање мерки со повреди се здобиле пет полициски службеници од полициската станица Струга. По целосно документирање и расчистување на случајот, ОВР Струга ќе поднесе соодветни пријави. – соопшти СВР Охрид.

Во полицискиот извештај, освен што за инцидентот се обвинуваат гостинските навивачи, нема ниту збор за десетиците повредени охриѓани во полициската интервениција која, според сведоци, употребила значителна и неселективна сила. Меѓу повредените освен навивачи за кои полицијата тврди дека се конфронтирале со нив, повредени се девојчиња, малолетници и обична публика која дошла да го следи мечот. Дознаваме дека дел од повредените побарале лекарска помош во охридската болница каде официјално им биле констатирани повреди.

Инцидентот фрли дамка на одличниот амбиент на Езерското дерби, на кое посебен белег оставија и навивачите на двете екипи. Охридските „Рибари“ пак, приредија и спектакл на вода при доаѓање на гостувањето во Струга, за кој долго ќе се зборува. Поради сериозноста на инцидентот, јавноста очекува непристрасна и професионална истрага, која треба да даде одговор што всушност се случило после завршувањето на натпреварот Караорман – Охрид (1:0), кој и што го предизвикало инцидентот, имало ли безбедносни и организациски пропусти, имало ли можеби намера да се предизвикаат немили сцени… и што треба да се преземе вакви инциденти повеќе да не се повторат.

OhridNews