Kапитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Перо Антиќ, сепак нема да отсуствува од тимот на Европското првенство во Словенија во септември годинава. Оптимистичката информација ја соопштија од Македонската кошаркарска федерација. Репрезентативецот пред неколку дена најави постои можност да не игра на ЕП затоа што имал болки во стапалата. Тој изјави дека ги чека наодите од лекарите, кои треба да го кажат последниот збор.


– Може да се каже дека Антиќ ќе учествува во работата на кошаркарската репрезентација заедно со сите други репрезентативци. Тој нема да отсуствува од ЕП, тоа во моментов 90 отсто е сигурно. Работата на репрезентацијата, односно подготовките во пресрет на ЕП ќе се одвиваат како што е претходно договорено – изјави Kатерина Николовска, портпарол на МKФ.

Првиот собир репрезентацијата на Македонија треба да го има на 23 јули во Скопје. На ЕП во Словенија македонската репрезентација ќе го брани 4. место освоено на последниот еврособир во Литванија во 2011 година.

Антиќ минатиот петок се пожали на големи болки во стапалата кои доаѓаат од напорната сезона на клупски план. Тој извести дека имал хируршка интервенција на стапалата. Неговата решеност да ~ помогне на репрезентацијата е сигурна, но лекарите требаше да го кажат последниот збор. Евентуалното неучество на Антиќ на Евробаскетот би бил голем хендикеп за македонската селекција. Што се однесува до настапот на Македонија на ЕП, Антиќ беше внимателен во изјавата дадена во моментот кога извести за својата повреда.

Треба да се оди чекор по чекор. Најпрвин да се помине првата фаза. На подготовките да се извлече максимумот. Репрезентативците да се подготват што може подобро за подготвителните и особено за главните натпревари. Воопшто не мислам за пласман уште отсега. Очекувам да ја поминеме првата фаза. На минатото ЕП одевме од натпревар до натпревар, мислевме само како да дадеме максимум на следниот меч. Така и сега треба да се игра. Во Литванија игравме еден за друг и за нашата држава. Само така може да се стигне до пласман, без преголеми притисоци, што сепак реално ќе ги има поради нашето четврто место во Литванија – изјави Антиќ за кого фаворит број еден за освојување на златото е Црна Гора.

Од 26 јули до 4 август кошаркарите треба да престојуваат во Словенија каде што на 27 јули ќе одиграат натпревар со Полска, а на 28 јули ќе спарингуваат со Словенија. Следуваат два натпревара со Хрватска во Загреб на 6 и на 7 август. Репрезентацијата потоа се враќа во Скопје.

На 11 август е предвиден меч со Грузија, а на 17 август со Литванија. Македонија ќе и гостува на Шпанија на 19 и на 20 август. Од 22 до 27 август кошаркарите предводени од селекторот Алеш Пипан ќе учествуваат на турнир во Франкфурт, Германија. Таму ќе играат со БиХ, Грција и со Германија. На 27 август договорена е контролка со Русија. Завршните подготовки ќе се одвиваат во Скопје од 29 август до 2 септември.

Извор „Дневник“