Зоран Стратев, в.д. селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, го објави списокот на репрезентативци на кои ќе смета за двата последни квалификациски натпревари со Велс и Србија, кои на 11. и 15. октомври ќе се одиграат во Кардиф и Јагодина.
За последните две квалификациски средби Стратев не направи некои радикални промени во репрезентативниот список. Мухамед Демири, по повредата се враќа во националниот тим, а дел од репрезентацијата повторно ќе биде и Дејан Блажевски, кој е единствен од повиканите што настапува во домашното првенство. Единствено ново име е Ерџан Алиоски, дефанзивец на швајцарски Шафхаузен.
Собирот на репрезентативците е на 7.октомври во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Првиот тренинг ќе се одработи истиот ден во 18:00 часот на терените во комлексот „Куќа на фудбалот“.
Експедицијата на Македонија во четврток околу 10 часот со чартер лет тргнува кон Кардиф за натпреварот со Велс, а во Скопје се враќа в сабота во попладневните часови. По два дена тренинзи во Скопје, во понеделник ќе отпатува за Србија, во Јагодина, каде на 15.октомври ќе го одигра последниот натпревар од тековните квалификации.
Составот :
Голмани: Томе Пачовски (Мехелен, Белгија); Дарко Тофилоски (Кошице, Словачка); Кристијан Наумовски (Динамо Букурешт, Романија)
Одбрана: Бобан Грнчаров (Ботев П., Бугарија); Стефан Ристовски (Латина, Италија); Николче Новески (Мајнц 05, Германија); Ванче Шиков (Волин, Украина); Даниел Георгиевски (Стеауа Букурешт, Романија); Даниел Мојсов (Бран, Норвешка); Ерџан Алиоски (Шафхаузен, Швајцарија).
Среден ред: Мухамед Демири (Ст. Гален, Швајцарија); Никола Глигоров (Хазар Ланкаран, Азербејџан); Остоја Стјепановиќ (Висла Краков, Полска); Предраг Ранѓеловиќ (Јагодина, Србија); Давид Бабунски (Барселона Б, Шпанија); Дарко Тасевски (Кирјат Шмона, Израел);
Напад: Адис Јаховиќ (Ворскла, Украина); Иван Тричковски (Васланд Беверен, Белгија); Александар Трајковски (Мехелен, Белгија); Горан Пандев (Наполи, Италија); Мирко Ивановски (Астра, Романија); Агим Ибраими (Каљари, Италија); Јован Костовски (Леувен, Белгија); Дејан Блажевски (Хоризонт Т., Македонија).
„Макфакс“