Попладнево на аеродромот во Скопје со специјален чартер лет пристигнаа 118 македонски државјани, кои согласно прописите на владата, во наредните 15 дена ќе бидат во задолжителен карантин на државен трошок. Тие ќе бидат сместени во сместувачки капацитети низ земјата кои се пријавиле за таа намена, а такви има и во Охрид.

Репатријацијата беше организирана со летови на авиопревозникот Wizzair, којшто за овие две дестинации на јавниот повик од Владата на Република Северна Македонија, понуди најниска цена за авио билетите. Граѓаните се обврзани сами да ги покријат трошоците за авио превозот, додека задолжителниот 15 дневен карантин којшто беше еден од условите за нивна репатријација, е на товар на државата. – информира МВР.

Од полицијата која врши контрола на почитувањето на државниот карантин, велат дека мерката во Охрид се спроведува во хотелски капацитети кои се пријавиле за таа намена.

Пред неколку дена во државен карантин во хотелот „Десарет“ во Охрид беа сместени шеесетина лица кои со хуманитарен конвој се вратија во земјата од Црна Гора.

Вечерва на скопскиот аеродром слета уште еден чартер авион, овој пат од Загреб, Хрватска, со 169 македонски државјани. И тие ќе бидат сместени во некој од пријавените сместувачки капацитети во земјата.

OhridNews