Тројца кумановци подготвувале терористичка акција во земјава, а нивна цел биле витални објекти во земјата, објави денеска Агенцијата за национална безбедност.

Осомничените лица се на возраст од 22 – 28 години, претходно правосилно осудени кои издржале казна затвор за сторено кривично дело – Учество во странска војска, полиција паравоени или параполициски формации. Тие се приведени, а Јавното обвинителство ги товари за сториле кривично дело – Терористичка организација од член 394 – а и Тероризам предвидено и казниво по член 394-б од Кривичниот законик.

Првоосомничениот во текот на 2019 година создал терористичка организација со основи на идеолошка матрица на терористичката организација ИСИС, на која подоцна се приклучиле други лица меѓу кои и двајцата осомничени. Обезбедувајќи финансиски средства организаторот набавувал – купувал оружје, муниција и воена опрема, а припадниците биле во улога на логистичка поддршка.

Како резултат на добиени оперативни сознанија, по неколку месечна меѓусебна соработка, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал со подршка на Одделот за специјални полициски операции при Министерството за внатрешни работи координирани од јавен обвинител во текот на вчерашниот ден спроведоа полициска акција на четири локации во Куманово и Скопје. При извршените претреси во дом и други простории кај осомничените е запленето поголемо количество на оружје, а тројцата осомничени се лишени од слобода. – информира Јавното обвинителство.

Осомничените се изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, кој им изрече мерка притвор во траење до 30 дена.

Г.М.