Здружението на новинари на Македонија(ЗНМ) ја повлече тужбата против Драган Павловиќ-Латас и издејствува повлекување на две тужби против новинарот Миле А. Ристевски од А1 телевизија и Ивона Талевска од Сител телевизија.

Љупчо Павлески ја повлече тужбата против Талевска, додека Александар Маниќ против Ристевски.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани ги повика носителите на јавни функции и сите оние кои што имаат тужби против новинарите да не ги решаваат овие проблеми преку суд. Тој ги повика новинарите да се придржуваат кон професионалните стандарди.

Александар Маниќ вели дека ја повлекол тужбата против Ристевски бидејќи за првпат некој од ЗНМ го повикал да разговараат за тужба што ја има поднесено против новинар.

Тој најави дека ќе ги повлече и другите две тужби што ги има поднесено против други новинари.

Новинарот Миле Ристевски вели дека е задоволен што ЗНМ иницирало повлекување на тужбата против него.

Од ЗНМ најавија дека секој петок во 19 часот ќе организираат дебати на кои ќе се зборува за проблемите со кои се соочуваат новинарите.

OhridNews
извор: „Макфакс“