ВД градоначалникот Константин Георгиески од дневен ред на 24-та седница на советот, ја повлече предлог одлуката за легализација на седум бесправно изградени објекти во Градиште. Како што појасна, причина е разрешувањето на досегашната Комисија за денационализација и формирањето на нова од страна на владата, од која ќе се чека мислење поврзано со повлечената предлог одлука.
- Околу легализацијата на објектите во автокампот Градиште, од формално правен аспект службите солидно го изработиле предметот, набавено е мислење од ЈУ Национален парк Галичица кое е позитивно, исто така и од министерството за животна средина, од Комисијата за денационализација бидејќи имотот е предмет на денационализација. Со оглед на тоа дека мислењето кое ние го добивме е од комисијата за денационализација која сега е разрешена, поради тоа ќе ги повлечеме овие точки и ќе го почекаме мислењето на новата комисија која треба да се формира наскоро, изјави вд градоначалникот Георгиески.
Со тоа делумно се задоволени барањата на жителите на Пештани кои долги години водат правна битка за враќање на нивните национализирани имоти и кои претходно побараа предлог одлуката да се повлече од дневен ред, потенцирајќи дека станува збор за објекти, како што велат, кои незаконски веќе биле регистрирани во катастарот.
Жителите на Пештани освен со постапката за легализација на објектите се револтирани и од, како што велат смешно ниските цени за обесштетување, кои им се нудат за метар квадратен на оваа атрактивна локација на самиот брег на езерото.
- Ни даваат некои минимални цени како да се наоѓаме во Кратово или Куманово. За ова атрактивно земјиште, вешто лице по барање од судот за човекови права, состави извештај во кој е наведено дека цената треба да е до 12.300 денари по метар квадратен. А, нас ни нудат 220 денари за квадрат, некому 275 денари, одат и до тој степен ако видат дека е посиромашна фамилија и се јавуваат и и велат за вас постигнавме убава цена од 550 денари. Смешни цени, некој со тоа сака да го приграби имотот. Чекаме 62 години на нашите имоти, а од друга страна некој друг печали пред нашите очи, вели Ѓорѓи Танески.
Пештанци бараат да заврши нивната 20-годишна агонија по лавиринтите на институциите и конечно да им се вратат нивните имоти. Во спротивно најавуваат дека повторно ќе преземат радикални мерки како оние од пред неколку години кога го блокираа патот кај автокампот.
Станува збор за имот кој се протега на површина од 100.000 метри квадратни чии наследници се околу 100 семејства.
Т.К.