Управниот одбор на ЈП „Билјанини Извори“ согласно со летниот режим на сообраќај, деновиве донел одлука за префрлање на дел од паркинзите од втората во првата зона на паркирање.
Со ова образложение надлежните од општина Охрид ја појаснуваат зголемената цена на паркингот од 20 на 30 денари по час, за која деновиве реагираа охриѓани и туристите.
-Во медиумите се изнаслушавме еден куп шпекулации дека паркингот е поскапен, а тоа не е точно. Советот ја утврдува цената на чинење на паркинг место и како што знаете нема нова одлука на Советот за воспоставување на нова цена на паркингот. Јавното препријатие со оглед на тоа што летниот режим на сообраќај веќе е стапен во сила, со одлука на Управниот одбор ја има утврдено зоната како зона А, што значи дека тоа е прашање кое не го засега Советот на општината и јавното претпријатие функционира по свои принципи, а Советот одлучува само за цената на определено паркинг место, изјави Димитар Спасески секретар на општина Охрид.
За дел од опозициските советници промената на зоните за паракирање е смешно образложение на општина Охрид.
-Ако е изговор промена на зоните тоа е исто како да одите во еден маркет и кога на полицата има определана цена, да дојдат и да ви ја сменат цената од таа полица и на каса да ве засрамат. Првенствено и во најмала рака, ако ова беше одговорна општина, одговорен градоначалник и одговорни служби, навремено ќе дадеа информација до граѓаните дека има промена на зоните и врз основа на тоа граѓаните ќе беа информирани, но не го направија тоа и повторно го скокнаа Советот, вели советникот Дејан Блажески.
Според него промената на зоните за паркирање е класична манипулација со граѓаните.
Е.М