Урбаните заедници:Лагадин, Трпејца, Пештани, Љубаништа и Елшани, се одзваа на јавниот повик и ќе земат учество во големата еко акција, што ќе се одржи во недела, 21-ви Јуни – Денот на Охридското Езеро.

-Секако дека се надевавме на многу поголем одѕив со оглед на тоа што Охрид е нивниот дом и граѓаните и локалната самоуправа би требало да ја користат секоја можна прилика за негово подобрување. Во секој случај, задоволни сме бидејќи ќе има повеќе пунктови на кои ќе се чисти – а по завршувањето на акциите, договорено е ЈП Комуналец да го собере отпадот. – информираат од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, која ја организира еко кацијата.

МЗ Лагадин ќе има и мала изложба на уметнички дела инспирирани од Охрид и неговата природа. Во акцијата ќе бидат вклучени и најмладите од заедницата.

-Чистењето на животната средина не е само мала занемарлива активност или активност со мало влијание. Ваквиот чин на освестеност за природата е пример за идните генерации, од кои зависи опстојувањето на човечкиот род на оваа планета. Природата ќе продолжи да постои со нас или без нас – затоа упорно порачуваме дека не ѝ требаме ние неа, туку таа ни треба нам. Од таа причина треба да се научиме еднаш засекогаш да не ја сечеме гранката на којашто седиме и да имаме почит кон тоа што нè опкружува. Ние сме неразделен дел од природата, нејзин производ, кога ѝ наштетуваме неа си наштетуваме самите. – велат од  „Охрид ЅОЅ“.

Оттаму додаваат дека нивна заложба е институционално заштита на Охридското Езеро и неговата околина, но сметаат дека ваквите теренски акции се исклучително потребни, бидејќи едукацијата и практичните примери се најважните аспекти во борбата за заштита на животната средина.

Во текото на денот ќе биде објавена и петицијата за заштита на Охридското Езеро и за стопирање на сите штетни проекти за урбанизација што може да значат и губење на заштитата од УНЕСКО, но и уништување на еден извонредно редок екосистем стар повеќе од 2-3 милиони години со над 200 ендемски и реликтни видови. „Охрид го викаме бисер, да покажеме дека вистински знаеме да се грижиме за едно вакво непроценливо богатство!“ – стои во јавниот повик за еко акцијата што ќе се реализира на Денот на Охридското Езеро.

Инаку во рамки на активностите за одбележување на Денот на езерото ќе се одржи традиционалната  рекреативна велосипедска трка околу езерото, а оваа година новитет ќе бидат ЈОГА вежбите и медитација, со порака за мир и ненасилство. 

Претходно, исто така во рамки на одбележувањето на Денот на езерото, во Охрид Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија официјално ја пушти во употреба новата хидролошка станица со електронски дисплеј за отчитување на податоци за водостојот, температурата на водата и воздухот и електронски часовник. Во просториите на општина Охрид, пак, вчера, беше потпишан Меморандум за разбирање помеѓу општина Охрид и Туристичкиот кластер – ЕДЕН, со кој се предвидува соработка за развој и промоција на туристичката индустрија, размена на информации од заеднички интерес, заедничко организирање на манифестации од посебно значење за туризмот во Охрид, соработка во креирањето на политики и стратегија за развој на туризмот, аплицирање и имплементација на проекти и вмрежување во насока на унапредување на туризмот во поширокиот Охридски регион.

OhridNews