Повеќе од 120 пензионери од Југозападниот регион на Македонија беа дел од 13-та Фолклорна ревија, која се одржа денеска во Охрид. Со староградски песни, музика и игри, освен учесниците од Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца, на овој настан настапија и фолклорни групи, дуети и солисти од Здруженијата на пензионерите од Струга, Кичево, Дебар, Македонски Брод, Гостивар, Вевчани и Лабуништа.
Ревијата за отворена ја прогласи заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев.
–Велат дека активностите во третото доба, многу зависат од духот кој го носиме во себе, за да можеме со младешка жар да му се радуваме на животот. Човек не може да остане рамнодушен кога ќе Ве погледне видно расположени, ведри и полни со ентузијазам на вашата 13 –та традиционална ревија на песни, музика и игри. Во името на градоначалникот Никола Бакрачески и во свое лично име ви посакувам успешна ревија, пријатно дружење и долги години на славење на Вашата манифестација, со која го збогатувате културното живеење во Охрид, рече Јанев во своето обраќање.
Тој истакна дека Охридската локална самоуправа посветено работи на реализацијата на проектот за изградба на пензионерски дом, со што ќе се отвори соодветно опремен простор за креативно исполнување на слободното време за пензионерите.
По завршувањето на Фолклорната ревија, на сите градови учесници им беа врачени благодарници.
OhridNews