Покрај апартмантскиот комплекс во Горица на местото на хотелот „Парк“,  според постоечките урбанистички планови на источното крајбрежје од охридската ривиера ќе се изградат повеќе нови хотели, но и викенд куќи и други објекти. Ова во изјава за OhridNews дадена деновиве го обелодени началникот на Секторот за урбанизам и заштита на животната средина при Општина Охрид, Бранко Арнаудоски.

– Покрај во Горица се предвидуваат хотели и на просторот од х. „Застава“, кај Пионерскиот дом, кај поранешната Специјална детска болница, хотелите Гранит, Метропол, Белви и Универзитетското одморалиште ќе ја задржат сегашната намена и има дел хотели кои се предвидени над патот Охрид Св. Наум.-изјави Арнаудоски.

Тој рече дека постои интерес кај инвеститорите за овие локации, но проблем претставуваат нерасчистените имотно правни односи.

-Дел од овие локации се предмет на денационализација и од завршувањето на таа постапка ќе зависи реализацијата на дел од предвидените хотелски комплекси.-истакна Арнаудоски.

Арнаудоски  ги отфрла критиките кои се погласно се слушаат во јавноста дека на Охрид му се случува урбана агресија која ќе има несогледливи последици врз туризмот и севкупното живеење во градот.

– Ние мораме да го урбанизираме Охрид. Колку побрзо ќе го урбанизираме просторот толку побрзо ќе се справиме со бесправната градба која е производ на неурбанизираниот простор не само во Охрид туку насекаде во Македонија.- рече Арнаудоски.


Првиот човек на општинскиот сектор за урбанизам смета дека изградбата на новиот апартмански комплекс во Горица ќе влијае позитивно на економскиот развој на Охрид, посочувајќи дека по неколкуте неуспешни тендери што ги распиша државата, тоа е прва конкретна инвестиција во туризмот на ривиерата.

Г. Момироски