Барање од странските амбасади да ги укинат препораките за претпазливост за патување во Македонија и упатување пораки од македонските амбасади во странство дека состојбата е стабилна и дека станува збор за изолиран инцидент, се дел од заклучоците на Советот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот на Република Македонија кој на денешната вонредна седница ги разгледувал актуелните случувања во туризмот со откажувања на резервации.

Како што јавуваат националните медиуми Советот упатил апел до сите политички чинители и учесници на идните протести за нивно минимизирање или доследен мировен протест без инциденти и насилства и до медиумите да не вршaт лична интерпретација на состојбите во Македонија кои влијаат врз оформување на јавното мислење во Македонија.

Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Кристијан Џабазовски изразил загриженост за случувањата во Македонија и посочил дека тие може да влијае на намалување на атрактивноста на Македонија како туристичка дестинација.

–Од странските соработници Агенцијата доби известување за намалување на бројот на резервациите од Холандија, но дека аранжманите и чартерите за оваа сезона се одвиваат согласно предвидената диманика. Има откажувања на резервациите од земјите од соседството но дтие засега се минимални и повеќето се од страна на индивидуалните туристи, рече Џамбазовски.

Меѓу заклучоците за намалување на влијанието на актуелната состојба врз туризмот е и реализација на промотивна кампања под слоганот „Безбедна Македонија“, по примерот на Хрватска, намалување на цените на аранжманите со цел зголемување на конкурентноста на пазарот и организирање промотивни тури за странски медиуми кои директно би ја пренеле состојбата во Македонија во земјите од каде што доаѓаат.

OhridNews