И во кризната 2020 година, општините потрошиле на тендери 129 милиони евра, речиси исто колку и во претходната година, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации.
Лидерската позиција и натаму ја држи Град Скопјe со вкупна вредност на тендерите од 31 милион евра – што е една четвртина од вредноста на јавните набавки на сите општини заедно. Дури половина од вкупно потрошените пари на општините за јавни набавки ги потрошиле Градот Скопје и само седум други општини. Само Градот Скопје и 10-те скопски општини заедно трошат дури 45 % од сите пари за јавни набавки на општините.
Општина Охрид во 2020 година на тендери потрошила 171,9 милиони денари, што е 15,45% од Буџетот на локалната самоуправа. Вкупно биле извршени 66 јавни набавки, кои секој жител на Охрид поединечно го чинат 3.349 денари. Уделот на Охрид во вкупните јавни набавки во земјата е 2,17%.
Најголема вредност тендерите имаат во делот на градежните работи. Лидер е ГП „Илинден“ АД Струга кое извршило работи за половина од предвидениот буџет за јавни набавки и тендери во 2020 година, по што следат Бокоп Струга и ИЦС Системи.
На работи во 2020 година отпаѓаат 75,2% од јавните набавки на Општина Охрид, 21,1% на услуги, а остатокот бил потрошен на стоки.
Најголем вредносен скок во однос на претходната година има кај Градот Скопје, од 10,3 милиони евра, Општина Гостивар од 5 милиони евра и Аеродром од 2,7 милиони евра. Најголеми падови во вредноста на набавните има кај Општина Липково за 2,8 милиони евра, Тетово за 2,4 милиони евра и Штип и Прилеп по околу два милиони евра.
Кај фирмите, најголема вредност на договори за јавни набавки имаат: градежната компанија Гранит АД Скопје, енергетската Енерџи Деливери Солушнс ЕДС од Скопје и градежната Пелагонија од Гостивар. На првите 10 фирми со најголема вредност на јавните набавки отпаѓа една четвртина од вкупната вредност на набавките.
Г.М.