Руската инвазија врз Украина негативно влијае врз образованието на повеќе од пет милиони деца. Конфликтот ги влошија големите проблеми во образовниот сектор на Украина предизвикани од пандемијата на коронавирус. Ситуацијата е уште полоша за децата во источна Украина, каде што војната беснее веќе осум години, соопшти денеска УНИЦЕФ.
Според УНИЦЕФ борбите оштетиле или уништиле илјадници училишта и други образовни објекти низ цела Украина, а голем број родители не сакаат да ги испратат своите деца на училиште од безбедносни причини.
Во Украина повеќе од 1,9 милиони деца учеле „онлајн“, а 1,3 милиони деца учеле комбинирано – од дома и со присуство, но и тој процес е нарушен поради неодамнешните напади врз енергетската инфраструктура на Украина што предизвикаа прекини на електричната енергија.
Организацијата Спасете ги децата (Save the Children) наведе дека милиони деца се принудени да учат од дома поради секогаш присутната закана од гранатирање и ракетни напади бидејќи секој втор ден од почетокот на учебната година во Украина се уништува училиште.
Вкупно 3.025 образовни институции – училишта, градинки и универзитети се бомбардирани или гранатирани откако Русија ја нападна Украина во февруари минатата година, при што 406 беа целосно уништени.
Додека според податоци на УНИЦЕФ, две од трите украински деца бегалци кои живеат во странство во моментов не се запишани во образовниот систем на земјата домаќин.
OhridNews