Повеќе од 10 часа делови од Скопје се без струја по вчерашното невреме проследено со дожд, силен ветер и град.

Снабдувањето со електрична енергија се очекува да се нормализира за околу еден час, велат од ЕВН Македонија. Оттаму посочуваат дека во тек е постапка за пуштање под напон на корисниците кои немаат струја.

Екипите на Електродистрибуција и МЕПСО напорно работеа цела ноќ за да го поправат дефектот кој настана како резултат на вчерашното силно невреме кое го зафати Скопје. Во тек е постапка за пуштање под напон на корисниците кои се засегнати од прекинот, а снабдувањето се очекува да се нормализира за околу еден час. ЕВН Македонија изразува голема благодарност до МЕПСО и ЕЛНОС Скопје за несебичниот ангажман и дадената поддршка во вакви кризни и итни состојби, велат од ЕВН Македонија.

Според информациите објавени синоќа причина за прекинот во снабдувањето со електрична енергија се два 110-киловолтни далекуводи кои ги снабдуваат трафостаниците „Аеродром“ и „Исток“.

Краткотрајното невреме што синоќа зафати делови од главниот град предизвика повеќе штети – паднати дрвја, оштетени автомобили, кровови, поплавени домови….

До Центарот за управување со кризи биле пристигнати пријави за 35 паднати дрвја, 15 бандери, 21 оштетен кров, 10 поплавени домови и две оштетени возила. Повеќе информации од ЦУК најавуваат во текот на денешниот ден.

OhridNews