Фекални бактерии биле пронајдени во тортата што ја консумирале триесетината деца од Србија, кои на 7-ми август со симптоми на труење биле хоспитализирани во струшката болница. Ова го покажале микробиолошките анализи  што ги наложи Државниот санитарен и здравствен инспекторат, пишува денешен „Дневник“ повикувајќи се на информации од Министерството за здравство.

Весникот пренесува дека додека не биде направена дезинфекција нема да бидат отворени слаткарницата „Ирина“ од каде била купена тортата и кујната во „Еуротел“, каде биле сместени децата.

Инаку анализа била извршена и на водата од јавна чешма во Св. Наум која исто така бактериолошки била неисправна, поради што во нејзина близина ќе биде поставена информативна табла која ќе предупредува на опасноста.

Децата на денот кога се пожалиле на болки во стомакот јаделе храна од хотелската кујна и торта од слаткарницата, а пиеле и вода од јавната чешма во Св. Наум, поради што со точност не е утврдено која е причината за нивното труење.

Во тек е и анализа на причините за труењето на петмината туристи кои консумирале храна во угостителски објект во Охрид.

Неколкуте официјално регистрирани труења со храна на охридската ривиера ја вознемирија јавноста, иако одредени локални медиуми се обидоа да го релативизираат случајот претставувајќи го како стомачна вироза.

Ohridnews