Поттикнување на глобалните климатски амбиции на КОП 26 е примарна цел на двонеделниот Самит за климата, што ќе се одржи од 31 октомври до 12 ноември во Глазгов, под претседателство на Обединетото Кралство.

Како што соопшти денеска Британската амбасада, претставувајќи ја програмата на Самитот, на собирот се предвидени речиси 50 настани организирани, кои ќе ги покажат активностите и ќе го поттикнат импулсот од целото општество за време на двонеделниот форум. Програмата ја одразува и посветеноста на британското претседателство со КОП 26 за инклузивност преку здружување на граѓанското општество, бизнисите и младите луѓе.

Програмата започнува со Светскиот лидерски самит на 1 и 2 ноември, на кој своето присуство веќе го потврдија повеќе од 120 лидери, чиј домаќин ќе биде британскиот премиер Борис Џонсон.

Лидерите, се посочува во соопштението, се охрабруваат да постават амбициозни планови за намалување на емисиите на штетни гасови, да ги прошират активностите со цел да се прилагодат на влијанијата на климатските промени, да ги мобилизираат финансиите и колективно да ја манифестираат нивната посветеност на одржување на клучната цел од Парискиот договорот за ограничување на покачувањето на глобалната температура под 2 Целзиусови степени и што е можно поблиску до 1,5 степени.

Паралелно со формалните преговори, двонеделната програма на настаните, како што се наведува во соопштението, ќе биде насочена кон начинот на кој сите делови на општеството и глобалната економија ќе водат амбициозни климатски активности.

Настаните се однесуваат на клучните тематски денови, вклучувајќи финансии, прилагодување на влијанијата од климатските промени, енергетската транзиција, природата и користењето на земјиштето, полот и младите. Канцеларот Риши Сунак ќе го отвори првиот од тематските денови, со настан за тоа како се ставаат на располагање финансии за да се исполнат целите на Договорот од Париз, а британските владини министри ќе присуствуваат на настаните во текот на двете недели, се наведува во соопштението.

Други настани вклучуваат поттикнување на разговори за промена замена јагленот со чиста енергија, одговарање на неодамнешниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) за денот на науката и иновацијата и организирање на состаноци на министри за образование и климатски промени со млади луѓе за да разговараат за важноста на образованието во креирањето на позитивна климатска иднина.

На денот на адаптација, загуба и штета, заедниците на првата линија ќе ги споделат своите искуства за најлошите ефекти од климатските промени. Потоа ќе следи министерска дискусија за напорите за прилагодување на влијанијата на климатските промени.

Учесниците на самитот, исто така, се посочува во соопштението, ќе можат да се инспирираат од повеќе од 80 павилјони на кои земјите, граѓанското општество и меѓународните организации ќе организираат свои кураторски програми на настани. Во согласност со посветеноста на Обединетото Кралство на инклузивноста, КОП 26 е првиот самит што нуди заеднички павилјон, дозволувајќи им на делегациите да бидат домаќини на настани во павилјон изграден од Обединетото Кралство.

Велика Британија денека ја објави својата програма за Павилјонот на Обединетото Кралство, што ќе ги поддржи клучните цели на Претседателството со КОП 26, истовремено покажувајќи ја водечката улога и активностите на Обединетото Кралство за климата. Павилјонот на Обединетото Кралство ќе содржи мноштво партнери и настани, вклучително и за родова еднаквост и поддршка на домородните и локалните заедници на население кое живее во шумите.

OhridNews